Рокас најавува дипломатска офанзива во наредните месеци

Евроамбасадорот Михалис Рокас најави интензивна дипломатска активност во наредниот период со цел да се одблокира патот на Северна Македонија кон ЕУ. Европски лидери во наредните два-три месеци треба да ја посетат земјата со цел да се најде излез од сегашната ситуација.

„На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија да се надминат сите преостанати прашања пред да ги отвориме преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, изјави Рокас по настанот со кој се одбележа почетокот на изградбата на граничниот премин „Маркова Нога“.

Ваквите изјави следат откако македонската страна побара гаранции од ЕУ дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на македонскиот пат кон ЕУ. Евроамбасадорот вели дека додека се работи на решавање на ова прашање, треба да се продолжат напорите за имплементирање на реформите што се наоѓаат во Реформската агенда, усвоена согласно Планот за раст за Западен Балкан.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во февруари изјави дека има исчекор и гледа можност за деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес, кој не зависи само од Македонија.

„Немаме проблем со другите народи“
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата: „„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа“.

DW