Романија избира меѓу два света – со последици за Европа

„Демократија или нелиберализам“, „Европа или изолација“, „шампион по математика или фудбалски хулиган“ – ова се насловите и коментарите во речиси сите независни романски медиуми деновиве. На неколку дена пред вториот, одлучувачки круг од претседателските избори во Романија, кој ќе се одржи во недела (18.05.2025), расположението во јавноста е понапнато од кога било досега во последните децении. Без исклучок, сите коментатори и набљудувачи ја гледаат земјата на крстопат и во важен историски момент.

Навистина, ниту еден претседателски избори од падот на комунистичката диктатура во 1989/90 година не беа обележани со такви радикални контрасти меѓу кандидатите и толку длабоки општествени поделби како овие. И ретко кога исходот бил толку неизвесен како сега. И двајцата кандидати нагласуваат дека не доаѓаат „од системот“ и дека не се претставници на традиционалните посткомунистички партии во Романија.

Со Симион во хаос
На едната страна е Ѓорѓи Симион (38 години), лидер на екстремната десничарска, проруска партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), некогаш фудбалски хулиган, денес самопрогласен „суверенист“ и поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој победи со голема разлика во првиот круг од претседателските избори на 4 мај 2025 година и освои речиси 41 отсто од гласовите.

Неговиот противник е Никушор Дан (55-годишна возраст), непартиски градоначалник на Букурешт, математичар, поранешен граѓански активист против корупцијата и човек со јасно проевропски, главно либерални и делумно умерени конзервативни ставови. Во првиот круг тој беше значително зад Симион и освои само 21 отсто од гласовите.

На овие избори се игра многу – и за Романија и за Европа. Романија е шеста по големина земја на ЕУ и најголема земја во Југоисточна Европа. Ја има најдолгата граница на ЕУ со Украина, најважната база на НАТО и клучен противракетен штит во регионот. Досега Романија беше сигурен и предвидлив партнер во Европската Унија и НАТО. Со проруски, екстремно десничарски претседател како Симеон, тоа може да се промени – и Романија би можела да западне во сличен хаос како САД под Трамп.

Нејасни анкети
Претседателот во Романија нема силни извршни овластувања. Но, тој е врховен командант на армијата и шеф на Врховниот совет за национална одбрана. Тој го назначува премиерот, шефовите на двете главни разузнавачки служби, дел од судиите на Уставниот суд и ја претставува Романија во ЕУ и НАТО. Може да присуствува и на владините состаноци. Сето тоа му дава значително влијание и во внатрешната и надворешната политика.

Повеќето анкети во изминатите две недели покажаа дека Симион води благо, понекогаш значително. Сепак, во една од последните анкети и двајцата кандидати се изедначени. Но, предвидувањата за изборите во Романија се крајно неверодостојни. Ниту едно истражување не предвиде убедлива победа на Симеон во првиот круг.

Ненадејното свртување на Симион
Водачот на АУР во последните години се најде на насловните страници поради неговите насилни, понекогаш физички агресивни, испади и редовни ветувања дека ќе го „уништи системот“. Повеќе или помалку директно, тој вети и излез од ЕУ и НАТО, како и припојување на Република Молдавија и југозападните украински области кон Романија. Тој се истакна по своите проруски симпатии и националистичка омраза кон унгарското малцинство во Романија.

Симион во последно време одеднаш се огради од речиси сето тоа. Постапува посмирено, избегнува вулгарни изрази и викање. Наместо да ја напушти ЕУ и НАТО, тој зборува за почит и достоинство кон Романија и тврди дека со него како претседател земјата ќе биде партнер „на еднакво ниво, а не повеќе на колена“. Сепак, антиукраинската реторика остана – ширење лажни тврдења за наводната привилегија на украинските бегалци во споредба со романските граѓани. Она што исто така не се промени е неговото незнаење кога се во прашање јавната администрација, економијата, Европската унија, надворешната и безбедносната политика.

Изненадувачки, Симион неодамна ја доби поддршката од Виктор Орбан во предизборната кампања, кој во својот говор го пофали екстремно десничарскиот кандидат за неговата политика на суверенитет. Тоа предизвика конфликт за прв пат по години со романската малцинска унгарска партија, УДМР, која остро се дистанцира од Симион поради неговите минати насилни испади против Унгарците и повика околу 1,2 милиони Унгарци во Романија да гласаат за Никушор Дан.

 

 

DW