Светски познатата португалска фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо, кој од 2023 година игра за саудиски Ал-Наср синоќа рече саудиската фудбалска лига е подобра и поконкурентна од француската прва Лига 1, јавува Анадолу.
„Француската лига? Лесна… Не ми е гајле што мислат луѓето. Но, тие треба да одат таму (Саудиска Арабија) да играат и да видат, да трчаат на 38 и 39 или 40 степени Целзиусови, и да спринтаат неколкупати па да видат“, рече Роналдо за време на доделувањето на наградите Глоуб Сокер Дубаи 2024.
„Во Франција сѐ е ПСЖ (Париз Сен Жермен). Останатото е готово“, изјави поранешната ѕвезда на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.
„Останатите (во француската лига) се натпреваруваат. Но, ПСЖ е најсилен. Никој не може да се натпреварува со него. Тие имаат подобри играчи. Клубот (ПСЖ) има повеќе пари. Ова е факт“.
Роналдо имаше слични коментари и во јануари.
„Во француската лига, мислам дека имате две или три екипи на добро ниво. Саудиската лига е поконкурентна. Играм таму една година. Значи знам што зборувам. Но, мислам дека сега (Саудиската лига) е подобра од француската лига, продолжуваме да се унапредуваме понатаму“, рече првакот на ЕВРО 2016 со Португалија, на почетокот од оваа година.
Роналдо синоќа изјави дека во саудиската лига има огромен напредок во однос на инвестициите во фудбалот.
„Многу сум среќен што сум таму. (Саудиската) лига сè уште расте. Многу играчи се префрлија таму. Инфраструктурата сè уште се унапредува и се подобрува (во Саудиска Арабија)“, рече тој.
Роналдо, кој е петкратен освојувач на Лигата на шампиони на УЕФА и петкратен добитник на Златната топка, беше прогласен за најдобар играч на Блискиот Исток на годината на наградите Глоуб Сокер Дубаи, а исто така ја доби и наградата за најдобар стрелец на сите времиња.
Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус Џуниор, ги доби наградите за најдобар напаѓач на годината и за најдобар машки фудбалер на годината.
Ѕвездата на Реал Мадрид и Англија, Џуд Белингем, ја доби наградата за најдобар играч од средниот ред на годината. Напаѓачот на Шпанија и Барселона Ламин Јамал беше почестен со наградата за најдобар играч во подем. Јамал ѝ помогна на Шпанија да ја освои титулата на УЕФА ЕВРО 2024 во Германија.
Шпанскиот гигант Реал Мадрид, победникот во Лигата на шампиони и Интерконтиненталниот куп на ФИФА 2024, ја доби наградата за најдобар машки клуб на годината за време на галата во Дубаи.