Русија ги намалува воените активности околу Киев и Чернихив

Рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин изјави дека Русија „радикално ќе ја намали“ воената активност околу Киев и Чернихив, пренесе руската новинска агенција ТАС.

Се чини дека руските сили заглавија во оваа област бидејќи британското Министерство за одбрана претходно објави дека украинските сили успеале да ги потиснат Русите од бројни фронтови, пренесува Би-Би-Си.

Претходно британските разузнавачи соопштија дека Киев е се уште под сериозна закана од руските напади. Опколениот северен град Чернихив исто така е под руски оган, соопштија украинските власти. Градоначалникот проценува дека од почетокот на војната во градот биле убиени 400 жители.

По завршувањето на првиот ден од мировните преговори во Турција, Владимир Медински изјави дека разговорите биле конструктивни.

 

Радио Слободна Европа