Русија денеска ќе започне експериментален пилот-проект за спроведување на исламските финансиски практики во неколку свои региони со доминантно муслиманско население, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пилот-проектот ќе се спроведе во Дагестан, Чеченија, Башкирија и Татарстан и ќе трае две години. По тој период, властите ќе одлучат за соодветноста на исламскиот модел за Русија.
Александр Казаков, висок експерт во Руската асоцијација на експерти за исламски финансии, за Агенција Анадолија изјави дека е „време да се заборави“ на западните финансиски пазари и да се стави фокус на соработката со арапските и азиските земји.
„На корпорациско ниво, веќе е очигледно дека сите западни финансиски центри се затворени за рускиот капитал, ние немаме друг избор освен да развиеме други достапни алтернативи. Време е да заборавиме на постоењето на Лондон и да се концентрираме на Пекинг, Њу Делхи, Сингапур, Куала Лумпур и земјите од Заливот“, рече Казаков.
Тој истакна дека Државната дума го усвоила на првото разгледување Предлог-законот за партнерско финансирање, во кој терминот „партнерско финансирање“ укажува на финансиски производи засновани на исламските принципи.
„Откако ќе се усвои, постоењето на алтернативни финансиски инструменти ќе биде признаено на законодавно ниво во Русија. Ова е важен политички чекор и во земјата и во однос на нашите вистински странски партнери“, нагласи тој.
Според Казаков, исламското банкарство активно се развива во последниве години – Блискиот Исток е најголемиот центар за исламското банкарство, а Малезија за исламски безбедносен пазар.
На прашањето дали исламскиот финансиски модел се коси со западниот финансиски систем, Казаков рече: „Ќе живееме и ќе видиме. Западниот финансиски систем сега е во сериозна криза. Сѐ ќе зависи од тоа како ќе ја преживее оваа криза и дали ќе ја преживее.“
„Во Русија има неколку исламски финансиски организации за малопродажба кои функционираат успешно“, додаде тој, и посочи дека исламскиот финансиски систем има добри изгледи поради многу обемната побарувачка од над 20 милиони руски муслимани.
Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).