Русија ја запре испораката на гас за Финска

Финска не добива веќе гас од Русија. Затворањето на славината за гас беше најавено вчера од страна на рускиот концерн Гаспром со укажување на спорот околу плаќањето во рубљи.

„Увозот на гас преку влезната точка Иматра е запрен“, соопшти денеска (21.05) финскиот оператор за гас, Гасгрид. На станицата Иматра вообичаено доаѓа руски гас наменет за Финска.

Запирањето на гасот го потврди и финската државна компанија Гасум. Отсега Гасум своите муштерии ќе ги снабдува со гас од други извори, кој се транспорира преку гасоводот Балтикконектор. Овој гасовод ги поврзува Финска и соседна Естонија.

Рускиот концерн за гас, Гаспром, според наводи на Гасум, соопштил дека од денеска, од 6 часот по средноевропско време, нема веќе да доставува гас. Причина, како што се вели од Гасум, е тоа што оваа компанија одбила да ги плаќа сметките во рубљи. Но, како што се додава од Гасум, клиентите не би требало да се загрижени, зашто снабдувањето со гас е обезбедено за наредните месеци.

Само околу 8% од потребите за енергија на Финска се покриваат со гас. Најголемиот дел од гасот досега доаѓаше од Русија. Затворањето на славината за гас од страна на Русија доаѓа неколку дена по финското барање за приклучување во НАТО.

 

Дојче Веле