Бугарската компанија Булгаргаз ЕАД доби известување дека испораките на природен гас од Гаспром експорт ќе бидат суспендирани од утре 27 април 2022 година. Бугарската страна целосно ги исполнила своите обврски и навремено, строго и во согласност со договорот и неговите клаузули и ги извршила сите плаќања.
По анализата на државната компанија Булгаргаз и Бугарскиот енергетски холдинг (БЕХ) е откриено дека новата процедура за плаќање во две фази предложена од Русија не е во согласност со постоечкиот договор до крајот на оваа година и претставува значителен ризик за Бугарија.
Компанијата соопшти дека руската енергетска фирма Газпром ја информирала дека сите испораки на гас во земјата ќе бидат прекинати од 08:00 часот по средноевропско време.
Русија од утре престанува со испорака на гас и во Полска. Оваа информација на прес-конференција ја потврди министерката за клима и животна средина Ана Москва.
„Гаспром“ го оправда потегот со новите правила објавени минатиот месец, според кои непријателските земји мора да плаќаат за гас во рубли, а ПГНиГ (Полската државна компанија за снабдување со гас) одбила да го стори тоа.
ПГНиГ се потпира на „Гаспром“ за најголемиот дел од увозот на гас и 53 отсто од увозот го купи од руската компанија во првиот квартал од оваа година.