Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека со „крајна загриженост“ ги следи настаните во Сирија и дека презема мерки за обезбедување на безбедноста на руските граѓани во Сирија.
Во соопштението се наведува дека сирискиот претседател Башар ал – Асад „поднел оставка и ја напуштил земјата по преговорите со голем број учесници во вооружениот конфликт“. Москва објави дека не учествувала во тие преговори.
„Господинот Асад даде инструкции за мирен трансфер на власта“, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.
Кремљ е силен сојузник на режимот на Асад, откако се вклучи за да го задржи на власт во 2015 година.
Не е јасно како Русија ќе биде вклучена во понатамошниот развој на ситуацијата, со оглед на нејзината поддршка за режимот на Асад, но Министерството за надворешни работи соопшти дека е „во контакт со сите сириски опозициски групи“.
slobodnaevropa.mk