САД: демократија под притисок

Само три месеци се поминати од враќањето на американскиот претседател Доналд Трамп на функцијата. Три месеци во кои САД не само што доживеаја пресврти и превирања на внатрешно-политички план, туку и се разнишаа темелите на демократијата. Реномираниот институт Вашингтон Брукингс идентификуваше „опасни пукнатини во столбовите на американската демократија“. Напади врз овие столбови постојат на повеќе нивоа. Наведуваме неколку примери за тоа.

Спор со универзитетите
„Харвард е шега, учи на омраза и глупости и веќе не треба да добива стимулации“, објави Доналд Трамп во средата на својата платформа Социјална вистина. Тоа е најновата ескалација во спорот меѓу американската влада и елитните универзитети во земјата. Спорот, како што се наведува, бил поттикнат од фактот дека Харвард и други приватни универзитети во САД не презеле доволно строги мерки против пропалестинските протести против војната во Газа, со што ги ставиле во опасност еврејските студенти.

Но, спорот фактички ескалираше многу порано – сега станува збор за општата политичка ориентација на елитните универзитети, кои во очите на администрацијата на Трамп се доживуваат како (премногу) левичарски настроени. За да бидат и натаму поддржани од федералните фондови, тие би требало да ги преиспитаат политичките ставови на студентите и професорите и на владата да ѝ ги стават на располагање податоците за уписите на сите студенти. Меѓутоа претседателот на универзитетот Харвард, Алан Гарбер, се противи на овие барања и смета дека слободата на истражувањето и образовниот процес се загрозени. Тој вели дека универзитетот не е подготвен да се откаже од својата независност или уставно загарантираните права. „Ниту една влада – без разлика која партија е на власт – не би требало да диктира што можат да предаваат приватните универзитети, кого можат да примат и вработат и кои области на студирање и научно истражување може да ги следат“, порача Гарбер.

Двојна игра со правосудството
Владеењето на правото и почитувањето на судските пресуди е еден од фундаменталните темели на западните демократии – но токму тоа е она што сѐ повеќе се доведува во прашање во САД. Од една страна, администрацијата на Трамп веќе игнорираше неколку судски пресуди и изврши депортации спротивно на нив. Случајот на Килмар Абрего Гарсија, кој по грешка беше депортиран во озлогласениот затвор во Ел Салвадор, е особено познат во јавноста. Врховниот суд ѝ нареди на американската влада да се погрижи Гарсија брзо да се врати во САД, но до сега ништо се нема случено, критикува федералниот судија Пола Ксинис за време на едно од рочиштата.

Судиите како Џејмс Босберг, кои се спротиставуваат на администрацијата на Трамп и ги запираат планираните депортации, јавно се оцрнуваат како „луди левичарски радикали“. Трамп, пак, им се заканува со постапка за отповикување од функцијата и нивна замена со судии по негова мерка. Тој истовремено го користи Министерството за правда за да преземе мерки против неговите критичари. За време на првите недели на функцијата, тој отпушти или нареди преместување на бројни вработени кои беа вклучени во истраги против него. Во февруари Трамп нареди отпуштање на сите федерални обвинители преостанати од ерата на Бајден, а за многу од неговите адвокати обезбеди високи позиции во владата. Еден од нив сега е на функцијата заменик министер за правда. Трамп ги помилува речиси сите 1.600 лица осудени за нападот врз Капитолот на 6 јануари 2021 година. На чело на Министерството за правда ја стави Пем Бонди, која му е апсолутно лојална.

Први ограничувања на слободата на медиумите
На Трамп долго време критичкото известување за него му беше трн в око. „Тие се корумпирани и нелегални“, изјави американскиот претседател за големите американски радиодифузери како Си-Ен-Ен и Ем-Ес-Ен-Би-Си за време на неговото обраќање во Министерството за правда КОН средината на март. Тој ги обвини дека „во 97,6 проценти од случаите“ негативно известуваат за него и ги нарече „политичко крило на Демократската партија“. За време на предизборната кампања се закануваше дека на непожелните телевизии ќе им ги одземе лиценците. Трамп целосно го прекина финансирањето на меѓународните американски медиуми Гласот на Америка и Радио Слобода – тие сега се на работ на затворање. Администрацијата на Доналд Трамп ја отповика акредитацијата на новинската агенција АП за пристап до брифингот за печатот во Белата куќа – затоа што АП одби да се усогласи со желбата на Трамп Мексиканскиот залив да го нарекува „Американски залив“. Како и многу пати претходно, судот ја прогласи оваа одлука за неважечка – но американската влада повторно ја игнорираше пресудата; новинарите на АП сè уште немаат пристап до конференциската сала.

Реструктуирање на државниот апарат
Кога Трамп во своето обраќање пред Конгресот изјави дека „времето на неизбраните бирократи на власт“ завршило, привлече потсмев и исмејување од демократите. А токму советникот на претседателот, Илон Маск, кој никогаш не бил избран на демократски начин, од јануари доби задача да ги направи американската администрација и државните служби поефикасни, да ги намали непотребните издатоци и патем целиот државен апарат да го усогласи со политичката линија на Трамп. „Тие не влегуваат во институции и министерства што се по нивна мера. Тие влегуваат само во јавните институции со кои не се согласуваат“, критикуваше уште во февруари годинава Даглас Холц-Икин, поранешен директор на Канцеларијата за буџет на американскиот Конгрес. Во даночните, еколошките и здравствените служби имаше масовни отпуштања од работа, како и во Пентагон и други министерства. Програмите за различност и инклузија, кои поддржувачите на Трамп ги сметаат за „фрлање даночни пари на лево-прогресивни програми“, се стопирани, еколошките регулативи ублажени, а издатоците за социјална и здравствена заштита драстично намалени. Развојната агенција УСАИД и другите владини институции се практично распуштени – спротивно на утврдениот правен став дека за таквите потези прво мора да се консултира Конгресот на САД. Покрај тоа, постои и сомнеж дека агенцијата ДОГЕ користела вештачка интелигенција за шпионирање на владините службеници. Наводно во најмалку една федерална агенција е вршен надзор на интерните комуникации – со цел да се идентификуваат и отпуштат вработените кои зборувале негативно и нелојално за Трамп. Критичарите на таквиот пристап дури зборуваат за „политичко чистење“ на државниот апарат.

 

 

 

DW