САД повеќе не се партнер? Германија ќе ја зајакнува армијата

Германија е во политички шок. На економски најсилната земја во Европа ѝ стана појасно од кога било досега дека геополитичката ситуација суштински се менува. Дека одамна се промени.

Сега сите релевантни политичари во Германија се зафатени со трескавично барање одговори за промените кои се случуваат исклучително брзо. Во моментов тоа значи појасно позиционирање во однос на САД и на Русија. И дополнително вооружување.

„САД се несигурни веќе долго време“
Угледниот политиколог Карло Масала оценува дека за Европа „САД нема да бидат доверлив партнер во однос на вредностите и интересите во догледна иднина“. Професорот на Универзитетот на Бундесверот во Минхен ја даде изјавата за Дојчландфунк во понеделникот (3-ти март).

Сепак, тој додаде: „Секако во некои случаи тие ќе имаат повеќе заеднички интереси со нас отколку со други. Верувам дека независна и суверена Европа во такви случаи би била попривлечна за САД“.

„САД безбедносен ризик за Европа“
Во заднина на оваа дискусија е скандалот во Белата куќа кој се случи во петокот (28 февруари), кога американскиот претседател Доналд Трамп, пред камерите и во присуство на украинскиот претседател Володимир Зеленски, практично ја откажа солидарноста со Украина.

Клаудија Мaјор од Фондацијата наука и политика (СВП) вели: „Мораме да признаеме дека нашиот најважен сојузник сега веќе не се однесува како сојузник, туку станува безбедносен ризик за Европа“.

Шолц во Лондон во сенка на Макрон и на Стармер
Сето ова се случува во време кога Германија сѐ уште нема формирано нова влада по предвремените парламентарни избори. Нов канцелар најверојатно ќе биде лидерот на демохристијаните Фридрих Мерц. Тој политичар никогаш претходно не бил на јавна функција. Германија моментално е во таа преодна фаза.

На самитот во Лондон, темпото го диктираа францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, а не германскиот канцелар Олаф Шолц, кој се ближи до крајот на својот мандат. Париз и Лондон застанаа зад украинскиот претседател Зеленски и предложија план за запирање на непријателствата меѓу Украина и Русија.

Германската воздржаност има причина, бидејќи Шолц нема целосен капацитет како канцелар по неговиот изборен пораз. Во Германија, политичката култура налага канцеларот кој треба да ја предаде функцијата на наследник да се воздржува од донесување далекусежни одлуки, а сѐ што би рекол Шолц во Лондон би имало карактер на далекусежен став.

Шефот на германските социјалдемократи (СПД) Ларс Клингбaјл рече дека во овие критични времиња Германија не стои настрана, па Шолц сепак отпатува за Лондон и се сретна со Зеленски. „Наредната германска влада ќе има голема одговорност во европската политика. Заедно со Полска и со Франција ќе формира трио земји кои ќе бидат одлучувачки за воспоставување стабилност во Европа“, рече тој.

Во Берлин се шпекулира дека Клингбaјл би можел да стане министер за надворешни работи во случај на коалиција меѓу демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите. Препирката во Овалната соба ја нарече повик за будење.

400 милијарди евра за Бундесверот?
Политички Берлин секако се разбуди. Одеднаш се разговара за мерки кои пред извесно време беа незамисливи. Ова е огромна нова финансиска програма што ќе му овозможи на Бундесверот да ја одбрани земјата, заедно со другите европски сојузници без учество на САД.

Таа програма би морала да вклучи и средства кои би го компензирале целосното или делумното отсуство на американската поддршка за Украина. Се споменуваат суми од 400 милијарди евра, иако минатата недела се зборуваше за 200 милијарди евра. Германија тоа секако не може да го финансира од тековниот буџет, туку мора да се задолжи надвор од границата пропишана со германскиот Устав. Парламентот би морал да ја промени таа уставна одредба.

Одлука е можна само во стариот состав на Бундестагот
Бундестагот, меѓутоа, ќе треба да одлучи за ова со двотретинско мнозинство – и тоа стариот парламентарен состав што беше избран во 2021 година. Новиот парламент нема двотретинско мнозинство делумно поради зајакнувањето на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и Левица. Нема многу време, бидејќи новиот состав на Бундестаг мора да одржи конституитивна седница најдоцна до 24 март.

 

 

DW