Претседателот на САД во заминување, Џо Бајден во неделата (1 декември, 2024) објави дека го помилувал својот син Хантер Бајден, кој чекаше пресуда за случаите за нелегално поседување огнено оружје, лажни изјави при проверка на оружјето, за што претходно беше прогласен за виновен, како и за затајување данок, за што и самиот призна.
„Денеска потпишав помилување за мојот син Хантер“, рече тој во соопштението објавено од Белата куќа.
„Се надевам дека Американците ќе разберат…“
Иако Бајден претходно уверуваше дека нема да даде претседателско помилување на неговиот 54-годишен син, зависник од дрога кој се лечи и кој стана мета на републиканците, вклучувајќи го и новоизбраниот претседател Доналд Трамп, сега сепак одлучи да го стори тоа.
„Ниту еден разумен човек кој гледа на фактите за случаите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен дека Хантер е издвоен само затоа што е мој син, а тоа е погрешно“, рече Бајден.
Оваа одлука тој ја донесе за време на викендот.
„Верувам во правосудниот систем, но (…) исто така верувам дека груба форма на политика го зарази овој процес и доведе до неостварување на правдата. И кога ја донесов оваа одлука викендов, немаше смисла повеќе да се одложува. Се надевам дека Американците ќе разберат зошто татко и претседател би ја донел оваа одлука“, истакна тој.
Критика од Трамп
Најмладиот син на Џо Бајден веќе беше прогласен за виновен годинава дека лажел за својата зависност од дрога кога купувал оружје – прекршок во државата Делавер, упориштето на Бајден. Во септември тој се изјасни за виновен за даночна измама и чекаше да види каква казна ќе добие во секој од овие случаи.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, на социјалната мрежа Трут соушал го спореди помилувањето на Бајден со одлуката со која демонстрантите кои учествуваа во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година беа осудени на неколку години затвор.
„Дали помилувањето кое Џо го даде на Хантер ги вклучува и заложниците кои сега се во затвор веќе со години? Каква злоупотреба на правдата“, порача Трамп.
DW