САД се обидуваат да ги натераат Русија и Украина да прекинат со борбите во Црното Море

Во текот на изминатата недела, САД преговараа поединечно со Русија и со Украина во обид да ги запрат борбите во Црното Море, клучна трговска рута за извоз на храна, како дел од повисоката цел за завршување на војната меѓу двете земји.

Во вторникот Белата куќа објави дека двете земји се согласиле на прекин на огнот, како и да се дозволи пловидба во регионот. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека прекинот на огнот веднаш ќе стапи на сила. Од Кремљ пак навестија дека прекинот на огнот ќе стапи на сила дури откако ќе бидат исполнети одредени услови, вклучително и делумно укинување на санкциите за руски компании и банки вклучени во меѓународната трговија со храна. Слично примирје беше на сила меѓу 2022 и 2023 година, но подоцна беше прекинато од страна на Русија. Договорот кој тогаш беше постигнат со посредство на Турција и на Обединетите нации, овозможи непречен извоз на украинско жито. Рускиот претседател Владимир Путин се повлече од договорот заради тоа што Западот не исполни одредени услови, вклучувајќи и повторно поврзување на Руската земјоделска банка со СВИФТ, односно безбедниот систем со седиште во Белгија, за брз трансфер на пари. Од ОН сметаат дека глобалната безбедност на храната ќе биде значително засилена доколку се постигне нов договор.

Црното Море е клучна трговска рута за Русија и Украина
И покрај очигледните несогласувања, експерти за ДВ велат дека страните вклучени во преговорите најверојатно наскоро ќе постигнат прекин на огнот во Црното Море. Александра Филипенко, независен истражувач од Литванија, договорот го опишува како „најголемиот од сите мали чекори“ за кои се разговарало. Таа смета дека тој ќе помогне да се намали ризикот од ескалација, која веројатно не е од корист на ниту една од завојуваните страни, ниту пак на остатокот од светот.

Според ОН, договорот за жито со Украина го овозможи извозот на 32 милиони тони жито во 45 земји на три континенти во периодот од јули 2022 година до јули 2023 година. Како што рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, договорот е клучен за глобалната безбедност на храната. За Русија, Црното Море е клучна рута за испорака на жито од јужните региони на земјата. Во делумно предвоената сезона 2021-2022 година, 86% од сите испораки на жито се одвиваа преку пристаништата во Азовското и Црно Море, наведува Форбс. Украина е еден од најголемите светски извозници на жито, а главни клиенти се Северна Африка, Блискиот Исток и Јужна и Југоисточна Азија. Стабилноста на Црното Море е клучна за економијата на нацијата.

Каква е ситуацијата во Црното Море сега?
Во неодамнешно интервју за Европската радиодифузна унија, Зеленски оцени дека Украина ја контролира ситуацијата во Црното Море. „Тие (Русите) долго време немаат контролира над коридорот во Црното Море. Ние се бориме за тоа, бидејќи е чекор кон завршување на војната. Ние ја контролираме ситуацијата во Црното Море“, рече Зеленски. Александер Палиј, украински политички аналитичар, за ДВ вели дека во текот на изминатата година Русија се нашла притисната во источниот дел на Црното Море и не била во состојба да изврши комплетни напади во регионот. Тој вели дека Украина го постигнала тоа преку употреба на поморски беспилотни летала. Како резултат на тоа, трговијата со жито се одвива повеќе или помалку на нивото од пред војната, вели Палиј. Од таму тој смета дека нов договор за жито би бил покорисен за Русија отколку за Украина. „Украина во секој момент може да ги нападне руските бродови вклучени во извоз на нафта или други стоки. Сепак, земјата се грижи за влијанието врз животната средина и позициите на земји како Турција и САД се важни. Затоа Украина е многу внимателна“, оценува Палиј.

 

 

DW