САД се приближуваат до Русија и во Обединетите Нации

Во пресрет на третата годишнина од руската инвазија на Украина, САД сѐ повеќе се приближуваат до позициите на Москва во Обединетите нации. Според тврдења на дипломати, американската влада има намера да поднесе предлог резолуција до Генералното собрание на ОН во која Русија не се наведува експлицитно како агресор. Тој предлог се смета за контранацрт на текстот подготвен од ЕУ и Украина, кој требаше да биде ставен на гласање во понеделник, 24 февруари. Текстот на предлог резолуција, кој ѝ е достапен на германската агенција ДПА, исто така, не повикува на повлекување на руските трупи од украинска територија.

Западните дипломати веќе стравуваа дека САД нема да ја поддржат првичната предлог резолуција, потег што дипломатски ќе го официјализираше вербалното оддалечување на американскиот претседател Доналд Трамп од Киев. Контрапредлог веројатно би претставувал натамошна ескалација. Дипломатските кругови на овој потег гледаат и како на израз на општото вртење на Трамп кон шефот на Кремљ, Владимир Путин. од кое стравува Украина и западните демократии. Рускиот претставник во ОН, Василиј Небенсја, изненадувачкиот потег на американската влада го опиша како „добар чекор“. Западни дипломати, пак, изразуваат длабока загриженост. Според информациите на ДПА, амбасадорите на земјите членки на ЕУ вечерва би требало да се сретнат на итен состанок.

Во меѓувреме, се чини дека САД и Украина се сѐ поблиску во однос на договорот за суровини. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчеравечер (21.02) изјави дека тимови од двете земји работат на нацрт текст. Американскиот претседател Доналд Трамп ја поврзува помошта за Украина со пристап до нејзините резерви на ретки метали. Експлоатацијата на ретки метали се смета за економски профитабилна и стратешки важна. Зеленски го отфрли првичниот нацрт-договор од Вашингтон. Според извештаите, САД барале 50 отсто од приходите генерирани од овие суровини и со тоа сакале да ја вратат воената помош што ја давале досега.

Американскиот претседател Трамп во последно време значително ја заостри реториката кон Украина и се приближи до рускиот претседател Владимир Путин. Тој го нарече Зеленски „диктатор“ затоа што во Украина извесно време немало избори – иако тоа е вообичаена практика и во други земји за време на војна. Републиканецот исто така рече дека верува оти Киев е виновен за војната и иницираше разговори со Русија за ставање крај на војната без присуство на Украина.

Меѓутоа, во интервју за Фокс њус во петокот, Трамп практично призна дека Русија е агресор во конфликтот против Украина. „Тие беа нападнати од некој многу поголем и многу посилен, што е лоша работа и нешто што не се прави“, рече тој. Според него, Русија всушност немала причина да ја нападне Украина.

 

 

DW