Сали: 150 лекари доброволци се пријавија за помалку од 24 часа да помогнат на настраданите во земјотресот во Турција

Министерот за здравство Беким Сали денеска во изјава за медиумите кажа дека на јавниот повик што го објави Министерството за здравствени лица кои би се упатиле кон погодените места во Турција од земјотресот до синоќа се пријавиле 150 доброволци.

Министерот рече дека до 12 часот денеска ќе го имаат прелиминарниот список на доброволци што ќе го понудат во Центарот за управување со кризи, а потоа преку НАТО комуникација со турските власти ќе ги информираат за човечките и материјалните ресурси кои ги имаме на располагање, објави Република.

Исто така, како што посочи тој, двете комбиња специјализирани за интензивна нега што ги добиваме како донација за Клиниката за педијатрија, комплетирани со два тима од доктор, шофер и медицинска сестра се подготвени да заминат до погодените места, но како што вели Сали, мора прво да се испочитуваат сите протоколи за комуникација, односно да го добиеме одговорот од Турција за тоа што конкретно им е потребно.

Сали информира и дека има список на лекови кои го обезбедиле преку компании и донатори кои исто така ги ставаат на располагање.

извор: Република.