Самитот на Европската политичка заедница заврши во петок (16 мај, 2025) вечерта како што беше планирано, без да се донесат никакви одлуки. Ова е веќе шестти пат околу 47 земји да се соберат на ваков самит, каде што фокусот е на размена на мислења.
Албанија беше првата земја на Западен Балкан која беше домаќин на ваков самит.
Покрај 27-те земји членки на ЕУ, учествуваа и други европски земји како Северна Македонија и соседните држави, Турција или Обединетото Кралство.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, беше во Тирана во петокот. Русија и нејзиниот сојузник Белорусија експилицитно не беа поканети.
Под мотото: „Нова Европа во нов свет: Единство, соработка, заедничко дејствување“, околу 50 европски лидери разговараа за европската безбедност, војната на Русија против Украина, конкурентноста на економијата и миграциите.
Прв голем самит со Мерц
„Ова е добра можност лично да се сретнам со многу европски шефови на држави и влади“, рече Фридрих Мерц, при пристигнувањето на својот прв голем европски самит во дождливата Тирана.
Некои учесници имаат „прилично високи“ очекувања од германскиот канцелар, како што е данската премиерка Мете Фредериксен. Таа со нетрпение очекува соработка, како што рече, особено во областите на безбедноста и вооружувањето, како и за миграциите.
Литванскиот премиер Гинтаутас Палукас очекува важен економски и политички придонес и верува дека Германија е на вистинскиот пат.
Високи очекувања од канцеларот
Првенствено поради неговите патувања во Париз, Варшава, Брисел и во Киев, Фридрих Мерц досега „се покажа многу силно“ на европската сцена, вели политикологот Јанис Емануелидис од бриселскиот тинк-тенк Европски центар за политика. Сепак, очекувањата од него и од неговата влада се „исклучително високи“.
Многу членки на ЕУ сметаат дека Германија треба да преземе поголемо лидерство на европско ниво, да донесува одлуки и да ги покрене работите, рече Емануелидис за ДВ.
Дали Мерц ќе може да ги исполни тие очекувања зависи и од тоа колку е силен како канцелар на национално ниво, нагласува политикологот. Затоа што, пред сè, тој мора да ја добие довербата на населението и во сопствените редови. Понекогаш се прашува, вели Емануелидис, дали можеби премногу се очекува од канцелар кој сè уште треба да се снајде во својата нова улога.
Украина во центарот на разговорите
Се чини дека Мерц немал проблем со својата улога на европската сцена. Во раните попладневни часови, тој се појави пред медиумите заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер.
Веќе претходниот викенд, четворицата политичари заедно ја посетија Украина.
По разговорот со Володимир Зеленски, четворицата лидери разговараа по телефон со американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Стармер.
Британскиот премиер смета дека руската позиција е „неприфатлива“. Кога станува збор за одговорот, постои тесна координација.
Рускиот претседател Владимир Путин сè уште не се согласи на едномесечно примирје и не дојде во Истанбул за да води директни преговори за примирје со Зеленски. Оваа одлука беше повеќепати критикувана во Тирана.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го нарече испраќањето на руската делегација од низок ранг на разговорите „грешка“.
Германскиот канцелар, исто така, изрази „големо разочарување“ од исходот на разговорите. Тој вели дека ќе бидат понудени нови преговори и дека европската страна ќе се усогласи и ќе се координира со Американците.
DW