„Сами си ги убивме сопствените деца, ние сме контејнери од кожа, а не луѓе“ остри зборови на Венко Андоновски

Писателот Венко Андоновски објави текст со остри зборови во кои ја изразува својата длабока фрустрација, потсетувајќи нè на опасностите од нехуманизмот и отсуството на функционален систем и морални вредности.

Реквием за нашите деца

НИЕ СМЕ КОНТЕЈНЕРИ ОД КОЖА, А НЕ ЛУЃЕ

На траурот и тагата најстрашен непријател им се зборовите. Зборовите се немоќни да утешат. Сепак, како професор и писател, како долгогодишен колумнист, имам потреба да оставам некое слово, по ужасната трагедија што ја погоди Македонија во Кочани. Сочувство е малку: треба конечно, да покажеме ЧУВСТВО, а не сочувство.

Знаеме кој ги уби дванаесеттемина ваташки младинци во 1943 година. Тоа беа „други“, тогашни непријатели. Сега сами ги убивме сопствените деца. Зошто? Како дојдовме до тоа да им бидеме крвници на своите синови и ќерки?!

Па, дојдовме до ова поради хронична човечка и професионална негрижа, јавашлук. Ако ни останат вишок делови кога склопуваме авион, велиме – може и така, еве, авионов лета и без тие делови. Дојдовме до ова дереџе не само поради незнаење, туку, што е пострашно, поради лакомоста на неговото височество – капиталот. Ние сме обични контејнери од кожа, контејнери за човечки отпад: лакомост, грабливост, среброљубие, бесчувствителност, без трошка чувство за другиот, со максимална покорност кон неговото височество Џебот. Контејнери од кожа со кожни паричници полни пари, беден остаток од некогашниот сјаен и чувствителен, одговорен човек на хуманизмот, ренесансата, дури и на оној човек од социјализмот. За христијанството нема ни да говорам.

Ние сме капиталистичка транзициона беда, човек свртен во спротивна насока од еволуцијата на Дарвин. Ние сме расчовечени животни, зашто и животните се поочовечени од нас денес.

Со децении пишувам колумни и се чувствувам како некој кој на глуви уши им пее. Најчитани се оние колумни кога заземаш партиска страна, напаѓаш едни, а браниш други. Оние колумни кои говорат за човештина и хуманизам, со децении немаат ни по два лајка. Таквите колумни, за острастените партиски војски и војсководачи се обично филозофирање, чукање празна слама. А за мене отсекогаш биле најважни. Со децении пишував (со уште неколкумина интелектуалци) дека денес, во демократско време, нема добар и лош систем, туку само добар или лош човек ставен во системот. И оваа истрага ќе заврши така: системот бил добар, законите добри, ама човекот што требал да ги спроведе, не бил добар. Затоа, не верувам дека ако имаш добар систем, по дефиниција тој систем ќе произведе добри луѓе. Човек го создава системот, и му дава изглед на добар или лош. Не може системот, макар бил и најдобар, да создаде добар човек. Добар човек се создава само со воспитание, а воспитанието порано се потпираше на школите и семејството. И едното и другото денес се раскантани, претворени (повторно) во контејнер. Нема да мрднеме ни чекор додека има меѓу нас морално невоспитани. Нека имаат сто дипломи, ако немаат морално воспитување – ќе прават штети и трагедии.

Нека им е светло во станот Небесен на сите оние млади души што се веќе таму. Таму подобро ќе се грижат за нив. Ние овде паднавме на испитот. Не успеавме да се погрижиме за нашите деца, вакви какви што сме. Беда, тага и бол.