(ФОТО) Свечена промоција на новите полициски службеници – генерација 2024-2025

„Ве повикувам, при полагањето на свечената заклетва, секој од вас да прифати свој личен аманет, завет на чесност и професионалност дека секогаш ќе ги почитува Уставот и законите на Македонија, ќе води бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и ќе се грижи за безбедноста на секој и на сите граѓани и целото македонско општество. Благосостојбата и напредокот на едно општество се темелат на функционирање на законите и поредокот, на правната држава, чија основа е успешното функционирање на безбедносниот систем. Тоа значи да создаваме, да градиме и да унапредуваме една модерна, опремена, стручна и професионална, но секако и задоволна полиција која своите задачи и обврски ќе ги извршува максимално законито, стручно, одговорно и транспарентно, во име на граѓаните, во име на својот народ кој ја плаќа.“, истакна министерот Тошковски на пригодната церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници – генерација 2024-2025 година, која се одржа денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството на МВР, присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, директорот на АНБ Бојан Христовски и претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Министерот Тошковски потенцираше дека новото раководство со доаѓање на чело на полицијата се зафати со решавањето на проблемите кои голем број проблеми кои се таложеле низ годините и изрази увереност дека резултатите веќе се видливи. Тој зборуваше за реформите, чекорите кои се преземаат во министерството како дигитализацијата на процесите и услугите, градењето на нови полициски станици, обновата на возниот парк, планираната набавка на нови модерни и функционални униформи, новата систематизација за подобра ефикасност, планираната реформа на враќање на средното полициско училиште и планираното зголемување на примањата на полициските службеници.
Министерот на крај Тошковски упатувајќи честитки до кандидатите истакна: „Уште еднаш да ве повикам вашиот професионален век да биде детерминиран од вредностите на хуманост, чесност, посветеност, одговорност и пожртвуваност – вредности по кои се препознаваат сите оние кои одлучиле да бидат во служба на својот народ, своите граѓани, својата татковина.“
Пред присутните на промоцијата се обрати и помошник министерот на Центарот за обука, Влатко Митковски презентирајќи го унапредениот модел на едукација на Центарот за обука при МВР, препознатлив по својот квалитет во регионот и пошироко, Митковски истакна:Во рамки на тековните реформи, со гордост можам да истакнам дека направивме промена на начинот на спроведување на основната обука за полицаец, па така новата генерација кандидати за полицаец ќе се обучува наменски и тоа за следните сегменти: општа надлежност и сообраќајна полиција, гранична полиција и специјални полициски операции. Мотото е повеќе од јасно, а тоа е да се создаде Центар за полициска обука, рамноправен по квалитет со останатите центри за обука од регионот и Европа, за што се отпочна со иницијатива за формирање регионална асоцијација на Центри за полициска обука и полициски академии, каде заедно со нашите партнери од регионот ќе развиваме соработка во делот на полициската обука и образование и ќе вршиме размена на наставен кадар, обучувачи и современи наставни програми, формирајќи притоа регионална листа на полициски обучувачи. Со овие системски и суштински реформи ќе дојдеме до позитивен резултат на подолг рок и ќе продуцираме висококвалитетен полициски кадар кој ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните и државата.“
Митковски информираше дека основната обука за полицаец започна во 2024 година, со вкупно 558 кандидати, а денес, обуката успешно ја завршуваат 497 кандидати, 376 од машки пол и 121 од женски со среден успех на генерацијата од 522 бодови од можни 600.
На церемонијата беа доделени плакети за најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2024/2025 беше прогласен Владимир Зиморкоски, на кого му беше доделена свечена плакета од страна на министерот Тошковски , а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2024-2025 дадоа свечена изјава пред присутните.