СДСМ: Јанакиевски ја призна незаконската набавка на кинеските автобуси, Мицкоски сака да направи иста таква

Денешните признанија на обвинетите во судскиот случај „Дизајн“ потврдуваат дека набавката на кинеските автобуси за потребите на ЈСП Скопје е незаконска и на штета на Градот Скопје. Обвинетите признаа дека ја злоупотребиле службената положба за да ја фаворизираат конкретната компанија, со што го оштетиле државниот буџет за скоро пет милиони евра.
Од друга страна асистентот за јавни набавки на Данела Арсовска, Христијан Мицкоски, најави дека преговарал со компании за набавка на нови автобуси и веќе се подготвувала тендерската документација, се вели во соопштението од СДСМ.
Во продолжение го пренесуваме истото во целост:

Без никаква надлежност, без никакви услови и критериуми, Мицкоски, во име на Град Скопје најавува набавка на нови автобуси за потребите на ЈСП.

Ова е многу слично како и набавката на кинеските автобуси за која денеска има признанија за сторени кривични дела.

Денешните признанија треба да бидат дополнителен мотив, надлежните институции да постапат, да ги истражат сите наоди и да спречат нова криминална набавка на штета на граѓаните.

Ништо не се менува во ВРМО-ДПМНЕ, партијата предводена од Мицкоски е се уште во криминално режимската матрица која дејствува против интересите на граѓаните и Градот Скопје.