Северна Кореја лансираше балистичка ракета, свикан итен состанок на воениот врв на Јужна Кореја

Северна Кореја истрела балистичка ракета во правец на морето во близина на нејзиниот источен брег, во пресрет на планираните воени вежби на јужнокорејските и американските сили, како и посетата на регионот на американскиот потпретседател Камала Харис.

Јужнокорејската војска соопшти дека станува збор за проектил со краток дострел, истрелан од областа Таехон во провинцијата Северен Пјонгјанг, а проектилот прелетал околу 600 километри на височина од 60 километри, пренесува Ројтерс.

„Севернокорејското лансирање на балистичка ракета е сериозна провокација, која ги загрозува мирот и безбедноста на Корејскиот полуостров и меѓународната заедница“, соопштија од Генералштабот на армијата на Јужна Кореја.

По последното лансирање, врховниот командант на армијата на Јужна Кореја, Ким Сеунг-кјум и командантот на американските сили во Кореја, Пол Ла Камерадис, ја разгледаа моменталната ситуација и ја потврдија својата подготвеност да одговорат на каква било закана или провокација од Северна Кореја.

makfax.mk