Сезона на респираторни болести и ковид: заштитете се

Додека во регионот повторно се вклучува ковид-алармот, поради се поголемиот број заразени со новите соеви на вирусот, во Северна Македонија надлежните велат дека ситуацијата засега е мирна.

„Нема зголемување на нови позитивни случаи, а минатата недела, согласно податоците од извештајот на Институтот за јавно здравје, се регистрирани само два случаи на Ковид-19“, вели портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ за ДВ.

Во меѓувреме Хрватска алармираше дека повторно се зголемува бројот на заразени со коронавирус, а за само една недела се регистрирани 42 смртни случаи од Ковид. Информации за зголемен број на заболени и хоспитализирани пристигнуваат и од Грција, Бугарија и Србија.

Ерис ќе доминира оваа зима
Оваа зимска сезона надлежните очекуваат да доминира варијантата Ерис, која што со помош на секвенционирање, е докажано дека е присутна и во Северна Македонија. Станува збор за сој кој полесно се пренесува и го заобиколува имунолошкиот систем.

„Со оглед на тоа дека оваа варијанта го избегнува имунитетот многу подобро од претходните варијанти, и особено може да биде проблематична за повозрасните, за оние коишто имаат над 65 години и хронични заболувања, апелираме граѓаните да го заштитат своето здравје преку вакцинација против ковид или преку примање на бустер доза“, вели д-р Мехмедовиќ.

На повозрасните и понатаму им се препорачува да носат заштитни маски, особено при посета на здравствените установи.

Од 4 до 10 декември во земјата се пријавени 87 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 40,3% повеќе во споредба со претходната недела. Притоа, не се детектирани позитивни случаи на Influenza. Регистрирани се два пациенти со Ковид-19 и осум со респираторен синцицијален вирус (RSV).

Во однос на возрасната дистрибуција, 38 лица се на возраст од 15-64 години, 28 кај деца на возраст од 0-4 години, 17 кај деца на возраст од 5-14 години и 4 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (29,0/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години. Заболените се пријавени во Дебар – 49, Битола – 8, Тетово – 7, Куманово – 5, а во Кичево, Кавадарци, Берово, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица, Гостивар и Радовиш бројот на пријавени е помал од 5.

Во сезоната 2023/2024 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 551.

Респираторни проблеми кај децата
Иако ковидот навидум падна во сенка изминативе месеци, Мехмедовиќ вели дека граѓаните и понатаму се тестираат, дури многу повеќе од претходно, што резултира со откривање на други респираторни заболувања, коишто биле присутни и порано, но сега почесто се детектираат на тест.

„Овој период се присутни вирусни заболувања кај децата коишто и претходно ги имало, но ковидот меѓу другото ни покажа дека доколку следиме и тестираме малку повеќе, ќе добиваме и многу повеќе извештаи за позитивни случаи од останатите вируси. Така што сега многу почесто се детектираат респираторните вируси, кои се особено присутни кај помалите деца, но има присуство и на аденовирусите“, вели нашиот соговорник.

Кашлица, кивање, температура и малаксаност се дел од симтомите на кои се жалат пред се децата. Респираторниот синцицијален вирус кај нив може да доведе до сериозни респираторни потешкотии, посебно кај новороденчињата.

Што се однесува до грипот – се уште е рано. Институтот за јавно здравје по последниот извештај посочува дека се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој сè уште е под неделната граница за сезонска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека нема активност на вирусот на грип во 7 од десет недели на надзор. Согласно овие податоци, во земјата има низок интензитет и спорадична активност на вирусот на грип.

Неговиот пик се очекува по новогодишните и божиќните празници.

 

DW