Секој четврти доселеник не сака да остане во Германија

Германската економија слабее, а сепак, квалификувани работници се очајно потребни во многу сектори: во медицинските професии, особено медицински сестри, во ИТ-браншата, градежништвото и занаетчиството. Исто така, има недостиг од воспитувачи во градинки, готвачи и професионални возачи на камиони и автобуси. На крајот на 2024 година, во германските компании имало околу 1,4 милиони непополнети работни места.

Во исто време, во Германија работат сè повеќе мигранти. Во 2024 година, процентот на работници од странство бил нешто над 16 проценти. Тој е повеќе од двојно зголемен од 2010 година досега. Вработеноста во медицинските професии е натпропорционално висока. Повеќе од еден од шест лекари има странско државјанство. Во делот на медицинските сестри, растот на вработеноста од 2022 година се должи исклучиво на странскиот персонал. Во моментов, еден од пет работници во овој сектор е имигрант.

Размислување за напуштање на земјата
Но, дали овие луѓе навистина сакаат да останат во Германија долгорочно? Институтот за истражување на пазарот на работна сила и вработувањето (ИАБ) при Сојузната агенција за вработување сега презентираше студија на оваа тема. Таа се базира на репрезентативна онлајн анкета на 50.000 луѓе на возраст меѓу 18 и 65 години кои се родени во странство и емигрирале во Германија. Притоа се исклучени повеќето баратели на азил кои сè уште немаат признат статус на престој во Германија.

Анкетата е правена од декември 2024 до април 2025 година. „26 проценти, или околу 2,6 милиони луѓе, велат дека минатата година всушност размислувале да ја напуштат Германија, т.е. дека размислувале да заминат“, ги сумираше бројките Јулија Косјакова, раководителка на одделот за истражување на миграција, интеграција и меѓународен пазар на трудот во ИАБ, на презентацијата на студијата во Берлин. „Околу три проценти, или 300.000 луѓе, веќе имаат конкретни планови за иселување“.

Германија е само меѓустаница
Околу половина од оние кои не сакаат да останат сака да се врати во своите земји на потекло, додека другата половина сака да продолжи во друга земја.

Меѓу оние кои се подготвени да се вратат, најчесто се споменуваат Полска или Романија. Мигрантите кои сакаат да го продолжат своето патување од Германија ги претпочитаат Швајцарија, САД или Шпанија. Бегалците и оние кои дошле како дел од семејно обединување покажуваат значително пониски тенденции за емиграција од добро образованите и економски успешните поединци.

„Клучен наод од нашето истражување е дека оние кои се преселиле во Германија за да работат или студираат, кои се подобро образовани, економски поуспешни и имаат подобро познавање на германскиот јазик, натпросечно често размислуваат за иселување или изразуваат конкретни планови за емигрирање“, вели истражувачката на ИАБ, Катја Галегос Торес.

Емиграцијата е ризик за Германија
Имигрантите со магистерска диплома или доктори на науки, како и оние со повисоки приходи, особено, размислувале да ја напуштат Германија во последните дванаесет месеци. „Во секторите на услуги што бараат високи познавања, како што се ИТ, финансиите и услугите поврзани со бизнисот, помеѓу 30 и 39 проценти од испитаниците рекле дека размислувале за емигрирање“, вели Галегос Торес.

Постојат и „значајни“ трендови на емиграција во секторите на здравствена заштита, производство и логистика. „Накратко, ова се токму секторите каде што на Германија ѝ се итно потребни квалификувани работници. Оваа селективна емиграција претставува значителен ризик за економската одржливост на Германија во иднина.“

Високи даноци и зголемена дискриминација
Но, кои се причините за тоа? За оние што сакаат да се вратат во земјата на потекло, примарна улога играат семејните причини, додека мигрантите кои сакаат да се преселат во друга земја првенствено се надеваат на подобри можности за кариера и поголема заработка.

Прекумерните даноци и бирократијата во Германија често се наведуваат како причини за преселба. На ова се додаваат искуствата со дискриминација. „Речиси две третини од мигрантите пријавуваат перципирана дискриминација, на пример, на работа, на пазарот на домување, на јавни места или во контакт со полицијата“, вели Галегос Торес. „Една третина од мигрантите исто така се чувствуваат или недобредојдени или само донекаде добредојдени. Фактори кои значително ја зголемуваат тенденцијата за емигрирање.“

 

 

DW