Села бара казината и обложувалниците да работат само во хотели со 5 ѕвезди

Игрите на среќа, казината, спортските обложувалници и сите други игри на среќа да се преместат исклучиво само во хотели со пет ѕвезди. Со законот предвидуваме овие измени да стапат во сила после една година за да им се даде време и на вработените и за да ги преместат овие казина и други игри на среќа во хотели со пет ѕвезди, рече Села и ги повика пратениците од сите парламентарни групи да ги разгледаат измените и да ги поддржуваат, порача лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Тој посочи дека од парламентарната група на неговата партија со Собранието ќе биде поднесен предлог закон за измени и дополнување на Законот за игрите на среќа, со кој се предвидува игрите на среќа да бидат преместени исклучиво само во хотели со пет ѕвезди.

Другиот предлог во измените на законот, рече Села, е ограничување на рекламирање на игри на среќа, со што, како што посочи, и се дава надлежност на локалната власт за регулирање на оваа проблематика.

– На локалната власт ѝ даваме право, бидејќи секој бизнис ѝ плаќа на општината фирмарина од 100 евра годишно. Со овој закон, на казината и за игрите на среќа се забранува да се рекламираат повеќе од димензиите кои се во законот – 30 со 50 сантиметри. За секој метар квадратен дополнително за кои ќе се рекламираат и во објектите каде што ќе бидат сместени и за билбордите ќе плаќаат, и тие пари ќе одат на посебна сметка на општината каде што се рекламираат. За секој метар квадратен би се наплатило минимум 200 евра. Ние сме за тоа да разговараме и со другите политички актери, пратеници – изјави лидерот на АА.