Швајцарското село Албинен во кантонот Вале нуди повеќе од 50.000 евра на семејствата кои се подготвени да се преселат на 1.300 метри надморска височина каде што ќе ги пречека недопрена природа.
Имено, ова живописно село сместено на планинска падина последните години се соочува со проблем на депопулација поради недостиг на можности за работа, а бидејќи има само околу 200 жители, швајцарската влада одлучила да им плати на луѓето да се доселат.
Владата нуди 25.000 евра за возрасен, 50.000 евра за двочлено семејство и дополнителни 10.000 евра по дете. Сепак, постојат неколку услови што мора да ги исполнат.
Имено, сите оние кои сакаат да дојдат и да живеат тука мора да бидат помлади од 45 години. Покрај тоа, тие мора да останат да живеат во селото најмалку 10 години.
Добиената поддршка мора да ја вложат во купување на недвижен имот со минимална вредност од 200.000 евра, а тој да стане нивен постојан дом, а не второ живеалиште. Доколку ги прекршат условите, ќе мора да ѝ ги вратат парите на државата.
Дополнително, за да се аплицира, мора да се биде швајцарски државјанин или да има дозвола за постојан престој (Дозвола В). За оние кои доаѓаат од земја членка на Европската унија, дозволата може да се добие за пет години.