Сенегалскиот бенд „Нгевел ритме“ ги обединува сите ударни инструменти во земјата

Шеик Ма Џимбира Ндиаје, или Ндигел според неговото уметничко име, е роден во Кебемер, во северниот дел на Сенегал, во семејство на народни поети наречени „гриоти“, кои се сметаат за неопходни за одржување во живот на африканската усна традиција и за зачувување на културната на Африка, известува Анадолу.

Ндигел пораснал со историските приказни што ги слушнал од својот дедо и постарите и со ударните инструменти што ги придружувале овие приказни.

Запознаен со музиката од мали нозе, Ндигел реши да формира бенд на традиционални ритми и ударни инструменти.

Ндигел го нарекол својот бенд „Нгевел“, што на локалниот јазик волоф значи „семејство гриот“. За првпат како професионалец почнал да свири во 1998 година.

Ндигел, кој на почетокот можел да свири само на традиционалниот ударен инструмент наречен „сабар“, кој ѝ припаѓа на етничката група Волоф, патувајќи низ Сенегал ги научил и ударните инструменти и придружните танци на другите етнички групи во земјата.

Со текот на времето, Ндигел ја проширил својата група, собирајќи ги сите свирачи на ударни инструменти од Сенегал и почнал да организира различни културни програми.

Особено во настапите што ги организираат за туристите, Ндигел и неговата група ги презентираат сенегалските ударни инструменти, ја раскажуваат нивната историја и даваат информации за етничката група на која ѝ припаѓа секој ударен инструмент.

Толкувајќи ги традиционалните ритми во свој уникатен стил, групата „Нгевел“ ја раскажува историјата на Сенегал во шоу-програмите што ги организира, понекогаш во шума опкружена со баобаб дрвја, а понекогаш околу оган поставен во пустината.

– „На едно место ги собравме ритмите од сите етникуми во Сенегал“

Дописникот на АА се сретна со Ндигел и неговиот бенд „Нгевел ритме“ и праша за местото на ударните инструменти во африканската историја и нивните проекти како бенд.

Истакнувајќи дека ударните инструменти се во самиот центар на животот во Африка, Ндигел рече дека за да се разбере Африка, неопходно е да се разбере што велат ударните инструменти.

„Кога ќе се родиме, свират ударните инструменти, кога ќе станеме возрасни, свират ударните инструменти на нашата церемонија на обрежување, ние се венчаваме со ударни инструменти и кога ќе умреме, на нашиот погреб се слушаат нивните удари“, рече Ндигел.

Ндигел рече дека првично биле запознаени само со волофските инструменти бидејќи потекнуваат од етничката група Волоф и објасни дека за да го откријат музичкото разбирање на различните етнички групи, патувале од Кебемер, на северот на Сенегал, до Казаманс, на југ од земјата.

Ндигел истакна:

„Сакавме на едно место да ги собереме сите ударни инструменти на Сенегал. Всушност, ударни инструменти има не само од Сенегал, туку и од Западна Африка. На пример, ‘табала’ е свет ударен инструмент што се користи при илахии од страна на братството Кадири во Мавританија. Има ударен инструмент наречен ‘хине’, кој останал од времето на анимизмот (период во кој човекот верувал дека секој предмет и секоја појава имаат свој дух кој ги одржува и движи), и се користат од страна на муслиманската заедница Беј Фол. Свириме ‘сабар’ од етничките групи Сер и Волоф, ‘бугарабу’ од етничката група Диола, ‘совруба’ од етничката група Мандинка и ‘тама’, познат и како тапан што зборува, од етничката група Ваало-Ваало. Всушност, во нашата група на едно место ги собираме ритмите од сите етникуми во Сенегал“.

– Документарен филм „Моќта на перкусиите“

Ндигел рече дека сфатил дека пораките што ги носат ударните инструменти не се целосно разбрани, особено за време на настапите што ги имале во странство.

Тој истакна дека поради тоа решил да направи чекор кој ќе остави трага во промовирањето на ударните инструменти и додаде:

„Снимив документарец во кој објаснувам како настанал секој ударен инструмент, кој го свирел, па дури и како е произведен. За документарниот филм ‘Моќта на перкусиите’ го пропатував целиот Сенегал, разговарав со нашите постари и ги замолив да ги раскажат своите приказни. Снимањето е завршено, остануваат само техничките детали. За време на колонијалниот период, Французите ги собрале сите гриоти од регионот, вклучително и мојот дедо, за да добијат детални информации за распаѓањето на Кралството Кајор во Сенегал од 1549 година и ги испратиле во Франција. Бидејќи немало пишана историја, историјата се пренесувала усно. Дедо ми детално им ја објаснил на Французите историјата на тој регион. Моето детство помина слушајќи ги овие приказни, но никогаш не го запишавме она што го слушнавме. Денеска раскажувањето стана повеќедимензионално и не сакав да се ограничувам само на пишување, решив да снимам документарец“.

Ндигел, кој е и уметнички директор на карневалот Дакар, истакна дека посакува да основа виртуелен музеј на ударни инструменти.

Ндигел рече дека работи и на мјузикл за традиционалниот лик „Симб“ (лажен лав) во Сенегал, во кој човек се трансформира во лав.

 

извор: Анадолија