Северна Кореја, како што се вели од јужнокорејската разузнавачка служба, одлучила да испрати голем број војници за поддршка на Русија против Украина. Новинската агенција Јонхап известува дека според информации на јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) станува збор за испраќање на 12.000 војници, меѓу кои и единици на специјалните сили. Распоредувањето на војниците, како што се вели, веќе започнало.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол на итен состанок со претставници на разузнавањето, армијата и безбедноста изјави дека се верува оти Северна Кореја испратила војници во Русија. Во соопштение од кабинетот на Претседателот се оценува дека „актуелната ситуација, во која зближувањето меѓу Русија и Северна Кореја отиде подалеку од испорака на воени залихи кон распоредување на војници, претставува сериозна безбедносна закана не само за нашата земја, туку и за меѓународната заедница“.
Киев зборува за околу 11.000 севернокорејски војници
Владата во Киев неодамна зборуваше за војници од Северна Кореја во редовите на руските окупаторски трупи. Шефот на украинското воено разузнавање, Кирило Буданов, во едно интервју изјави дека 11.000 севернокорејски војници, припадници на пешадијата, во моментов се обучуваат во источна Русија. Тој очекува дека од 1 ноември ќе бидат подготвени за акција против Украина.
Американскиот воен тинк-тенк ИСВ (Институт за проучување на војната) неодамна исто така објави дека неколку илјади севернокорејски војници пристигнале во Русија и се подготвуваат за распоредување во Украина. Пјонгјанг веќе масовно ја поддржува руската агресивна војна против Украина со оружје и муниција. Според информации на јужнокорејската тајна служба, земјата, која е главно изолирана на меѓународно ниво, првенствено испорачува артилериски гранати и ракети со краток дострел.