Се запали автобус на ЈСП – интервенираше противпожарната служба

Попладнево пожар избувна на еден од автобусите на ЈСП. Oгнот почнал да се шири од задниот дел на автобусот каде е сместен погонот на возилото.

Инцидентот се случил во близина нај Железничката станица во Скопје. За среќа во моментот на несреќата во возилото немало патници.

Огнот бил изгаснат со интервенција на противпожарните служби.

Ова е втор посериозен инцидент со возило на ЈСП за краток временски период.

Пред околу две недели двокатен автобус на ЈСП заврши на жардиниера на раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ и Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во скопски Центар.

Возачот тогаш јавно се пожали дека возилото било неисправно, а од синдикатот обвинија дека од депото се пуштаат технички неисправни возила, со потпис и печат дека се исправни.

360 пак сподели информации според кои договорот за каско осигурување на возилата на ЈСП е истечен.

Последниот осигурителна полиса за каско осигурување на возилата на ЈСП била потпишана на крајот на јуни 2023 година со рок на важност од 12 месеци.

Директорот на ЈСП „Скопје“ Драги Кушовски  потврди дека автобус на ова јавно сообраќајно претпријатие се запалил под Железничката станица и појасни дека е направен  увид, но се уште нема официјални податоци за причините.

Тој рече дека биле на местото на настанот при што е констатирано дека автобусот бил паркиран и во него немало патници. Според него, најверојатно се работи за запалена инсталација.

 

извор: Канал 5