Снежното невреме од југозапад забрзано ја зафаќа целата територија на Македонија, па така во следните речиси 48 часа ќе има обилни врнежи од снег насекаде во Македонија, проследени со повремено засилен ветер од северен правец, кој ќе услови многу ладно време, голомразица, како и појава на снежни наноси.
Се очекува насекаде да се формира снежна покривка во Македонија, и тоа во градовите со висина од околу, па и над 20 сантиметри, а понекаде и над 30 сантиметри, додека во западната половина од Македонија снежната покривка во дел од градовите ќе надминува дури и 50 сантиметри. На планините и на Скијачките центри се очекува нов снег и до околу, па и над еден метар.
Во Скопје со овој голем снежен и ладен бран се очекува формирање на снежна покривка со висина од 15 до 20 сантиметри, можно е и повеќе, додека во повисоките предели од котлината, како и на околните планини таа ќе биде значително поголема.
Температурите речиси насекаде во Македонија ќе бидат под нулата, како во ноќните и утринските часови, така и во текот на денот, само во крајните југоисточни предели температурата ќе биде само за некој степен над нулата преку денот.
Новата седмица ни носи поларни температури кои наутро на многу места ќе се спуштаат до околу -10 степени, а на повеќе места и под -10 степени , а се очеуваат температури дури и до околу, па и под -15 степени и појава на силен мраз насекаде во Македонија.
СЕРИОЗНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Со оглед на тоа дека не очекуваат обилни снежни врнежи насекаде во Македонија, на возачите им препорачувам да бидат крајно внимателни како управуваат со своите возила, особено доколку се движат низ планинските превои, каде поради ниските температури ќе има појава на голомразица. Исто така, Скијачите кои ќе се наоѓаат на Скијачките центри, ги советуваме да не се движат кон поголеми надморски височини поради обилните врнежи од снег и значително намалената видливост која ја очекуваме, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.
meteoalarm.mk