„Работам со полна пареа затоа што ова за мене е финалето. Според законот, ова се последни избори за мене”, рече Реџеп Таип Ердоган и покрена наслови во агенциските извештаи како „Ердоган размислува да се збогува” или „Ердоган најавува повлекување”. Во Турција пак предизвика исмевање. „Повторно ли сака да престане?”, прашуваат корисниците на социјалните медиуми и дискутираат колку пати до сега има најавено повлекување: два, три или четири пати?
Хаки Тас, политиколог на Германскиот институт за глобални и подрачни студии ја дели скепсата: „Во 2009 велеше дека тоа се последни избори. Во 2012 дека последен пат се кандидира за претседател на партијата, во 2023 година ветуваше дека последен пат бара поддршка од гласачите и дека ќе го предаде кормилото на помладите”, потсетува Тас. Ердоган по сите избори си ја унапредуваше агендата и ги прошируваше своите ингеренции. Сега е помоќен од било кога, а освен тоа и претседател на партијата. Затоа Тас смета дека изјавата на Ердоган е тактички потег и дека на тој начин ги мобилизира своите поддржувачи.
Веќе 22 години на власт
За време на изминатите 10 години земјата доживеа реформи, избори, локални, парламентарни и претседателски, а политиката и општеството и економијата перманентно беа во предизборен модус. По локалните избори на 31 март ќе настапи мир, па ако не бидат свикани предвремени избори, Ердоган ќе може да владее уште 4 години. Од 2014 мандатот на претседателот во Турција е пет години, а последните избори беа лани во мај.
Тој сака да ја прошири својата моќ по можната победа на локалните избори, ако е можно да направи измени во Уставот и да размислува за свој наследник, велат аналитичари.
За тоа му се потребни економски силните метрополи Истанбул, Анкара, Измир, Анталија кои придонесуваат за половина од БДП на земјата.
Главната арена на локалните избори сепак ќе биде 17-милионската метропола Истанбул. Таму анкетите предвидуваат тесна трка. Градот од 2019 година е во рацете на опозициската ЦХП. Градоначалникот Екрем Имамоглу се надева на реизбор. 52-годишниот е познат во цела држава и до сега водеше успешна изборна кампања.
Мурат Курум, кандидатот на АКП, за аналитичарите до сега остави блед впечаток. Иско пет години беше министер за животна средина, просторно планирање и клима, тој е релативно непознат. Од воведувањето на претседателскиот систем многу граѓани не ги познаваат членовите на владиниот кабинет, бидејќи Ердоган е секогаш во преден план. И во Анкара кандидатот на Ердоган Тургут Алтинок заостанува во анкетите зад Мансур Јавас од ЦХП.
Од таму 70-годишниот Ердоган повторно се ангажира во предизборната кампања и со денови вози од еден до друг настан, држи говори и ја пали публиката како лично тој да стои на гласачкото ливче.
Клиентелизам на локално ниво
На Ердоган му е јасно која улога ја игра Истанбул во политиката на земјата. И неговата кариера започна таму каде од 1994-1998 година беше градоначалник. „Кој го добива Истанбул, ја добива земјата”, гласи непишаното правило.
Метрополите се важни и за да се држат лојалните. По промената на власта во 2019 година во многу општини се обзнани дека АКП со години вработува свои луѓе во јавната администрација, а големите налози се даваат на бизнисмени блиски до партијата. Привилегии имало и за националистички и исламистички братства блиски до владата. Тас смета дека победа на АКП ќе ја засили нивната самодоверба и дека ќе биде интерпретирана како поддршка за курсот и причина позасилено да се држат до него.
DW