Се стравува дека загинаа повеќе од 60 луѓе откако патнички авион на компанијата „Американ ерлајнс“ се судри со хеликоптер на американската армија над Вашингтон и се урна во реката Потомак во близина на националниот аеродром „Роналд Реган“, јави агенцијата Ројтерс.
„Во овој момент не веруваме дека има преживеани“, рече Џон Донели, началник на пожарникарскиот округ Колумбија на прес-конференција на 30 јануари.
Донели рече дека досега 28 тела биле извлечени од реката, што се покажува како најсмртоносна воздушна катастрофа во Соединетите Американски Држави (САД) по повеќе од една деценија.
„Ќе работиме да ги најдеме сите тела и да им ги дадеме на нивните најблиски“, рече тој.
Американ ерлајнс потврди дека во авионот биле 60 патници и четворица членови на екипажот. Хеликоптерот превезувал тројца војници на тренинг лет, изјави официјален претставник на САД.
slobodnaevropa.mk