Десетици луѓе се повредени, од кои некои потешко, откако жичара се урна на скијачка патека во Шпанија, јавија локалните медиуми. Инцидентот се случил во ски-центарот Астун, кој се наоѓа на шпанската граница со Франција, во планинскиот венец Пиринеи. Во инцидентот се повредени најмалку 30 лица. Девет од нив се многу тешко повредени, а осум тешко повредени, јавуваат локалните медиуми.
Причината засега е непозната. Сликите и видеата кои кружат на социјалните мрежи се чини дека покажуваат луѓе како лежат на подот во близина на ски-лифт. Забележан е и хеликоптер како слетува во одморалиштето.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека е „шокиран од веста за несреќата“.
„Сето наше сочувство е до повредените и нивните семејства“, рече тој.
Премиерот на Арагон, Хорхе Аскон, изјави дека бил информиран за инцидентот и дека патувал на местото на настанот.