СЗО соопшти дека околу 170 деца заболеле од мистериозна болест на црниот дроб, едно дете починало

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека е пријавен најмалку еден смртен случај во врска со мистериозната епидемија на заболување на црниот дроб што ги зафаќа децата во Европа и САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).

СЗО доцна навечер во саботата соопшти дека досега примиле извештаи за најмалку 169 случаи на „акутен хепатит од непознато потекло“ од десетина земји.

Случаите се пријавени кај деца на возраст од еден месец до 16 години, а кај 17 заболени била потребна трансплантација на црниот дроб. СЗО не објави во која земја е регистриран смртниот случај.

Првите случаи се забележани во Британија, каде што се заболени 114 деца.

„Сè уште не е јасно и останува неоткриено дали дојде до зголемување на бројот на случаи на зараза со хепатит или до зголемување на свеста за случаите на хепатит што се јавува со очекуваната стапка“, се наведува во соопштението на СЗО.

Експертите истакнуваат дека случаите би можеле да бидат поврзани со вирус кој обично се поврзува со настинка, но истражувањата се во тек.

„Иако аденовирусот (adenovirus) е можна хипотеза, во тек се истраги за причинителот“, наведоа од СЗО, напоменувајќи дека вирусот е откриен кај најмалку 74 случаи. Најмалку 20 деца биле позитивни на коронавирусот.

СЗО соопшти дека погодените земји го засилуваат надзорот на случаите на хепатит кај децата.

извор: Агенција Анадолија (АА).