Невремето Бора викендов ја зафати Грција, а како последица на силното невреме две лица загинаа, додека голем дел од земјата е поплавен, меѓу кои и островот Родос.
57-годишен сточар загина на островот Лимнос кога го однесе поплава. Тој се обидел да го ослободи својот автомобил кој бил заглавен во калта во близина на браната. Неколку часа подоцна бил пронајден мртов, а брзата помош можела само да констатира смрт.
Во одделен инцидент, 70-годишен жител на Лимнос се здоби со фатална повреда на главата откако падна на лизгави скали додека го чистеше својот дом за време на силно невреме.
Властите во Грција издадоа многу итни предупредувања користејќи го европскиот број за итни случаи 112.
Во едно од предупредувањата мештаните биле повикани на евакуација поради излевање на браната. Невремето се прошири надвор од Лимнос, а популарниот туристички остров Родос исто така доживеа поплави.
Поради обилниот дожд голем број возила останаа заглавени на поплавените патишта, а надлежните ги повикаа жителите да ги одложат сите патувања додека не се подобрат временските услови, пишува грчкиот репортер.
Националната метеоролошка служба на Грција предвидува дека до понеделник ќе се задржи лошото време во повеќе делови од земјата, особено во централните и северните делови на земјата.