Силјановска-Давкова реагираше на коментарите на бугарскиот политичар за анексија на Северна Македонија

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановкса-Давкова, реагираше на коментарите на лидерот на бугарската крајнодесничарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, за анексијата на Северна Македонија, јавува Анадолу.

Поканета на еден телевизиски канал, Силјановкса-Давкова го нарече за непристоен предлогот на бугарскиот политичарот.

„Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано, всушност значи непочитување, значи непризнавање. Тогаш мојот коментар е дека фрустрации се во прашање“, рече претседателката на Северна Македонија.

„Непристоен предлог е бидејќи во историјата имало моменти кога и такви предлози биле во оптег и се разбира дека тие не биле добредојдени. За да предлагате вие балкански федерации и слични модели треба да негувате и да манифестирате почит кон соседите, елементарна почит“, додаде таа.

„Тоа значи да го признавате другиот, да ја признавате посебноста, да го третирате како рамноправен. Впрочем тоа е суштината на Договорот за ЕУ, на Лисабонскиот договор. во преамбулите е суштината. Во преамбулата на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија пишува дека Бугарија како членка на Европската унија ќе и помага на Македонија на патот кон ЕУ“, изјави Силјановска-Давкова.

Инаку, Костадинов денеска ја повика владата во Софија официјално да ги објави претензиите за анексија на Северна Македонија и украинскиот регион Јужна Бесарабија.

Во објавата на социјалните мрежи, Костадинов изрази поддршка за изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Канада и Панамскиот канал и нагласи дека Бугарија треба јавно да излезе со барање за анексија на Северна Македонија и Јужна Бесарабија.

Партијата „Преродба“ е трета по големина партија во бугарскиот парламент.

На коментарите на Костадинов претходно реагираше и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Серверна Макледонија, кое ја осуди изјавата и ја повика официјална Софија да ги осуди овие зборови, кои, според министерството, се против принципите на регионалната соработка.

„Ваквите коментари го поткопуваат нашиот суверенитет и добрососедските односи“, се вели во соопштението на Министерството.

извор:Анадолија