Синдикална војна среде битка за повисок минималец

ССМ обвинува дека власта намерно ги минирала преговорите за платата и оти преку општините и министерства прави притисоци за да ја зајакне Конфедерацијата на слободни синдикати. Владата, пак, ќе преиспитува кој е репрезентативен, тврди дека сака „фер и правична застапеност на работниците“.

Кој синдикат е релевантен, кој не е, колку е реална потрошувачка кошничка, која синдикална организација е поблиска до една или до друга политичка партија … Прозивките и нападите, меѓу кои и од власта, за овие прашања станаа секојдневие во период кога македонските работници се во исчекување, дали покрај редовното усогласување на минималната плата од околу 1.800 денари, ќе се постигне договор за зголемување и од 6.000 денари.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), бара минималецот наместо 24.300 – колку што треба да биде од овој месец, да изнесува 30.000 денари. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ не запира со обвинувањата дека оваа синдикална организација е во дослух и одработува за опозициските СДСМ, Левица и ДУИ. А, на масата за преговори сака да седне и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која тврди дека неоправдано била исклучена изминатите неколку години.

Владата најави, а утре (11.10.2025) се очекува да преземе и конкретен чекор за да се испита кој се од синдикатите е репрезентативен.

„Владата на следната седница ќе формира комисија која ќе ја утврди репрезентативноста на синдикатите. Фер и правична застапеност на работниците, како и унапредување на социјалниот дијалог се приоритет кој ја покажува посветеноста кон транспарентноста и зајакнувањето на довербата меѓу работниците и нивните претставници“, велат од Владата за РСЕ во пресрет на утрешната седница.

 

 

 

slobodnaevropa.mk