Синдикатот на „Еуроникел“ најави блокада на фабриката в четврток и прашуваат: Кога ќе им се исплати во целост септемвриската плата?

Денес до 15 часот вработените во „Еуроникел Индустри“ треба да добијат одговор од раководството – кога ќе им се исплати во целост септемвриската плата. Доколку одговорот не е позитивен, утре во 5.35 часот фабриката ќе биде блокирана, предупредија од Синдикатот. Освен тоа, се чекаат и други објаснувања, сите поврзани со финансиите, односно ќе има ли пари за октомвриската плат, за набавка на струја за печката и за продолжување на производството.

Ако барањата не се исполнат, влезот на фабриката ќе биде блокиран и никој нема да биде пуштен да влезе, се до решавањето или добивањето одговор на прашањата кои се крајно загрижувачки, посочи претседателот на Синдикатот, Миле Ѓорѓиев.

По нивно барање разговарале со директорот, кој како причина за нецелосната исплата на септемвриската плата навел дека еден дел бил задржан со извршно решение, а другиот бил исплатен под закана дека ќе го прекинат доводот на електрична енергија.

Ветувањето е дека остатокот од парите ќе го добијат кога ќе има средства, но без да се прецизира рокот. Исто така, директорот не кажал од каде ќе има пари за октомвриската плата, за струја за печката и за тековно одржување на фабриката.

„Се постави прашањето до каде е барањето на нов партнер. Овде одговорот беше дека во рок од 30 дена ќе се решело што и како понатаму, а нема одговор како ќе се преживеат тие 30 дена. За нас како Синдикат очигледно е дека сопственикот сака да ја продаде фабриката, само не може да се договори за цена со потенцијалниот инвеститор. Директорот ја демантираше оваа констатација и на прашањето дали има конкретна понуда за преземање на компанијата од заинтересиран инвеститор вели дека се уште нема таква понуда, што значи дека сакаат да ја продадат фабриката“, вели Ѓорѓиев.

Некогашното „Фени“, а сегашен „Еуроникел“ е трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги кое има децениска историја на успешна работа, но и на проблеми – финансиски, стечајни…

Пред една година поради економската и енергетската криза компанијата направи прекин во работата, а вработените беа испратени на принуден одмор.

Во мај годинава, пак, вработените одново се вознемирија дека им претстои стечај и губење на работните места. И тогаш Синдикатот реагираше и јавноста слушна дека подолг период примаат 70 отсто од платата.

Инаку, швајцарскиот фонд ГСОЛ ги презема сите долгови на „Фени“ која имаше активен стечај и од март 2018 година го рестартираше производството. Во тоа време битка за преземање на фабриката водеше и бугарската компанија „Енекод“, која доби можност, но не ги уплати бараните средства, по што следуваше стечај.

Со швајцарскиот фонд работите во „Еуроникел“ се подобрија и компанијата беше посочувана од владините министри како успешна стечајна приказна и со огромен придонес за државата преку производството и извозот на фероникел.

Сепак, од почетокот на месецов повторно има застој во производството, а како причина бил посочен недостигот од репроматеријали. Неодамна Блумберг Адрија објави дека за преземање на фабриката е заинтересиран „К.А.Д менаџмент сервисес“, актуелен деловен партнер на „Еуроникел Индустри“.

Извор: Пари