Сирија: Падот на Асад – помалку тензии на Блискиот Исток?

Брзиот пад на режимот на Башар ал Асад во Сирија по успешното напредување на исламистичката милиција Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), што во превод значи „Организација за ослободување на Левантот“, ќе ги преуреди односите на Сирија со соседите.

ХТС управуваше со последното големо опозициско упориште во Сирија во северозападниот регион на земјата Идлиб пет години, но додека се фокусира на консолидирање на својата власт во сирискиот главен град Дамаск, има многу дебати за тоа дали таа ќе може да управува со целата земја, особено бидејќи има мноогу други бунтовнички групи кои ќе сакаат да ја делат власта.

„На арапските лидери нема да им се допадне рушењето на сириската стабилност“, напиша во понеделникот Ричард Лебарон, експерт за Блискиот Исток во тинк-тенкот Атлантскиот совет со седиште во Вашингтон .

Со години, клучни сојузници на Асад беа Русија, Иран и милицијата Хезболах поддржана од Иран. Арапската лига – група од 22 земји – ги обнови односите со неговиот режим во мај 2023 година по 12 години изолација како последица на неговото брутално однесување кон локалното население за време на граѓанската војна во Сирија.

Но, според мислењето на Лебарон, меѓу арапските соседи на Сирија, само Катар – кој цврсто се спротивставуваше на режимот на Асад – може да исчекори за да помогне во обновата на уништената, фрагментирана и економски ослабена земја.

Нејзините нови лидери ќе се надеваат на укинување на меѓународните санкции, но останува да се види кои актери, освен Катар, би можеле да бидат подготвени да ги поддржат.

Групата ХТС, која претходно беше поврзана со терористичката организација назначена од САД Ал Каеда, беше означена како странска терористичка организација од САД во 2018 година.

Но, нејзиниот водач Абу Мохамед ал Џолани неодамна за американската телевизија Си-Ен-Ен изјави дека тој и другите водачи во групата еволуирале во нивниот поглед и разбирање на Исламот, тврдејќи дека екстремните ставови од нивната младост станале поумерени со текот на времето.

 

 

DW