Сиљановска-Давкова: Како држава мораме да инвестираме во одбраната и безбедноста

Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата и како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност, порача претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод 5. годишнината од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, што се одржува во касарната „Илинден“ во Скопје.

Шефицата на државата најави дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите Нации, како и дека ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.

Сиљановска Давкова истакна дека целта на постоењето на Алијансата се мирот и безбедноста на нејзините земји членки и потенцираше дека безбедносните закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја.

„Војната во Украина предизвика невидени човечки страдања и материјални штети и ја загрозува визијата за Европа обединета во мир. Конфликтите на Блискиот Исток генерираат нови човечки страдања и нови миграциски бранови. Кризната состојба бара брз и соодветен одговор. Свесна сум дека се наоѓаме можеби во најкритичниот геополитички период по Студената војна. Безбедносните закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја. Затоа, како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност“, рече Сиљановска-Давкова.

 

 

 

slobodnaevropa.mk