Сиљановска Давкова ја прими грчката амбасадорка: Преспанскиот договор треба доследно да се имплементира од од сите страни кои се обврзале на него

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја прими амбасадорката на Грција, Софија Филипиду.

Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова, на средбата било разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, потенцијалите и можностите за унапредување на соработката, во функција на градење на добрососедство засновано на меѓусебна доверба и разбирање. Во таа насока, претседателката изразила очекување за поддршка од Грција на политиката за проширување и на нашите европски аспирации.

На средбата со грчката амбасадорка биле разменети мислења и за Преспанскиот договор и неговата имплементација, при што претседателката ја нотирала важноста од негова доследна примена од сите страни кои се обврзале на него.

-Претседателката Сиљановска Давкова на средбата ги реафирмираше заложбите за натамошно унапредување на партнерството и искреното пријателство со Грција. Таа ја нагласи добрата соработка во областа на одбраната, потенцирајќи ја важноста и од јакнење на економската соработка, трговската размена, инфраструктурното поврзување, како и соработката во областа на образованието, културата и туризмот, како предизвици на кои треба заеднички да се фокусираме во интерес на благосостојбата и зближувањето на народите на двете земји, се вели во соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.