Ова е апел до моралот, рече денеска, зашто тие се избрани не за да бидат судски скандал мајстор, туку за да оневозможуваат какво било скандализирање на независната судска власт.
Според Сиљановска-Давкова, треба да има законски механизми што ќе овозможат регрутирање на најдобрите во ваквите тела, а не акцентот да се става на политизираноста и партизираноста.
Претседателката не верува во податоците со кои излегоа судиите, дека довербата на граѓаните во судството е 20 отсто, а, одговорајќи на новинарско прашање, укажа и на „македонскиот парадокс“, дека интерпелацијата во државава нема завршница.
-Јас одамна, можеби меѓу првите, заедно со коалицијата за правично судење, укажав на можноста од интерпелација. Точно е дека механизмот интерпелација во компаративното уставно право се однесува на одговорноста на министрите, но нашиот Устав го познава и за сите избрани и именувани функционери. Првиот чекор беше изгласувањето, неприфаќањето на Извештајот од Судскиот совет што е веќе еден чекор на делегитимирање на Судскиот совет. Вториот чекор е интерпелацијата. Ако по почетокот судиме за завршетокот, јасен е резултатот, бидејќи, ми се чини, 67 пратеници застанаа зад иницијативата, а мнозинството е 61. Значи, однапред се знае резултатот, истакна Сиљановска-Давкова по настанот „Глобален женски појадок 2025“.
Таа напомена дека многу од сегашните членови на Судскиот совет не ги исполнуваат законските услови.
-Ако го препрочитате Законот за Судски совет ќе видите дека многу од сегашните членови на Судскиот совет не ги исполнуваат дури ни оние услови што се запишани таму, а што треба да бидат гаранција за истакнатост од типот на 15-годишно искуство во правната сфера, докажаност, професори, стручност, компетентност. Многу повеќе некако кај многу од нив личи придавката партизирани, политизирани. Ако се вратиме назад, на генезата на проблемот со Судскиот совет, веднаш ќе заклучиме дека во судството, особено во Судскиот совет што како микроскоп ја следи работата на судиите, ги именува и разрешува, мора да има и голема доза на одговорност, а одговорноста е врзана за етиката. Мојот предлог тогаш беше дека одговорни членови на Судски совет веднаш би поднеле оставка по скандалите што се случуваа, а тие таму се избрани не за да бидат судски скандал мајстор, туку за да оневзоможуват какво било скандализирање на независната судска власт. Еве, уште очекувам да бидат доблесни и да го сторат тоа. Ако на ова го додадете и процентот на граѓани кои не веруваат во Судскиот совет, јасно ќе биде дека ова е апел до моралот, етиката на судиите, истакна претседателката.
Сиљановска-Давкова го посочи и законското решение според кое, претседателот на Судскиот совет може да биде само од редот на избраните од Собранието.
denesen.mk