Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг денеска (21 јануари) разговараа за тоа како да се изградат врски со американскиот претседател Доналд Трамп, изгледите за мировен договор за ставање крај на војната во Украина и силната поддршка на Москва за ставот на Пекинг кон Тајван.
Си и Путин, кои разговараа еден час и 35 минути преку видео-врска еден ден откако Трамп положи заклетва, ветија дополнително продлабочување на стратешкото партнерство на нивните земји, што го загрижува Западот.
Кина и Русија прогласија партнерство „без ограничувања“ во февруари 2022 година, кога Путин го посети Пекинг, неколку дена пред да испрати десетици илјади војници во Украина. Во последните месеци Путин зборуваше за Кина како „сојузник“.
Рускиот претседател, зборувајќи од неговата резиденција Ново-Огарево надвор од Москва, и Си, зборувајќи од Големата сала на народот во Пекинг, меѓусебно се нарекоа „драг пријател“, а Си го информираше Путин за минатонеделниот разговор со Трамп за ТикТок, трговијата и за Тајван.
Си и Путин „укажаа на нивната подготвеност да градат односи со САД на заемна корисна основа со взаемно почитување, доколку тимот на Трамп навистина покаже интерес за тоа“, изјави за новинарите во Москва, помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.
„Од наша страна беше констатирано и дека сме подготвени за дијалог со новата американска администрација за украинскиот конфликт“, додаде тој.
Ушаков рече дека Путин сака долгорочен мир во Украина, а не краткорочен прекин на огнот, но дека секој договор мора да ги земе предвид интересите на Русија. Тој додаде дека нема конкретни предлози за разговор со Трамп.
Трамп, пак, рече дека ќе биде строг кон Кина и ќе разговара со Путин за ставање крај на војната во Украина. Во изјавата за новинарите по инаугурацијата, тој рече дека Путин треба да направи договор за ставање крај на војната бидејќи конфликтот ја уништува Русија.
slobodnaevropa.mk