Европол и француските истражни органи открија мрежа на фалсификатори која во последниве години продавала вино од Северна Македонија како скапоцени етикети од француската винска регија Бургундија, објави српскиот портал vinoifino.rs.
Според информациите, истрагата опфатила винари од познатите региони Шабли и Монраше кои, поради недостиг на шардоне и зголемена побарувачка, полнеле шишиња со македонска смедеревка, увезена од винарницата „Газда Ѓоко“ од селото Мрзенци.
Фалсификуваното вино, по дополнително одлежување во француски барик буренца, се продавало како автентичен шардоне со географско потекло, по цени над 250 евра за шише.
Францускиот енолог Теле Репомаше, ангажиран од една од винариите под истрага, за vinoifino.rs изјави дека смедеревката од Северна Македонија оставила силен впечаток поради нејзината минералност и соленост:
„Тоа е феноменално вино, со карактеристики слични на бургундискиот шардоне. Кога ја дегустиравме во еден балкански бистро на пат кон Грција – бевме воодушевени. Немаше начин да ѝ одолееме, особено по таа цена.“
Сопственикот на македонската винарница, Ѓоко Трпески, вели дека немал никаква информација за понатамошната дестинација на неговото вино:
„Бев шокиран кога дознав дека нашата смедеревка се продава за над 250 евра. Ние ја продадовме за 50 евроценти.“
Случајот го истражува француското обвинителство во соработка со Европол, а досега се идентификувани најмалку седум лица инволвирани во оваа мрежа. Како што се наведува, сопственикот на македонската винарница засега не е осомничен и не постојат индиции дека бил свесен за фалсификатот.
Скандалот го отвора прашањето за етикетирањето и контрола на потеклото на виното, но и го свртува вниманието кон квалитетот на вината од Северна Македонија, кои очигледно можат да стојат рамо до рамо со најпрестижните европски етикети – и покрај злоупотребите.