Од скопската Зоолошка градина се огласија по повод вчерашните обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ за угината бремена женка од видот сијаманг. Од таму велат дека не е точно дека била бремена, но дека точните причини за смртта ќе бидат соопштени по добивањето на официјалните резултати од обдукцијата.
„Во врска со угинатата женка од видот сијаманг, Ве известуваме дека точните причини за смртта ќе ги објавиме веднаш штом ги добиеме официјалните резултати од обдукцијата направена од страна на стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, со цел поголема транспареност, како што тоа е пракса и од минатато.
Исто така би сакале да ги демантираме шпекулациите дека женката сијаманг била бремена во моментот на угинување.
Животните од скопската зоолошка добиваат ветеринарен третман веднаш штом се појави било каков прв симптом или аларм дека можеби се болни или имаат некаква повреда.
Нивната благосостојба постојано будно се следи од страна на вработените во Скопје ЗОО, а благодарение на Факултетот за ветеринарна медицина имаме пристап до најсовремено лекување, дијагностицирање и третман на животни.
За жал, како и кај луѓето, така и кај животните, не секогаш може да се избориме со некои заболувања, иако се преземени сите можни здравствени мерки“, велат од ЗОО Скопје.