Слеп руски фудбалер постана ѕвезда на TikTok и YouTube

Андреј Куклин, напаѓач на руската фудбалска репрезентација за слепи, е еден од најпознатите слепи блогери. Секој ден на своите профили зборува за својот личен живот и ги инспирира другите.

„Како слепите менуваат сијалица?“ „Како слепите бираат облека?“ „Како слеп фудбалер изведува пенал?“ Под секоја објава има коментари со зборови на восхит и поддршка: „Ти си супер, и јакната ти е кул“, „Момче и пол!“, „Луѓе, угледајте се на него!“

Андреј Куклин, напаѓачот на руската фудбалска репрезентација за слепи има 150000 следбеници на YouTube и 250000 на TikTok. Тој ги комбинира студиите на универзитетот со тренинзите, снима музички и видео записи на своите профили на социјалните мрежи и редовно комуницира во живо со своите следбеници.

Куклин го засакал фудбалот и се врзал за него. Не навива за тимови туку за добра игра и се радува кога руските фудбалери постигнуваат успех. Вели дека неодамна присуствувал на финалниот натпревар од Купот на Русија меѓу „Динамо“ и „Спартак“. „Осумдесет илјади навивачи ја пееја песната на МакSим „Знаеш ли ти“. Тоа беше трогателно до солзи!“

„Играм фудбал од детство. На две-три години шутирав топка во дворот, а потоа кај дедо на телевизија го видов натпреварот Зенит-Спартак на ТВ и се вљубив. Бев неверојатно импресиониран од нивната играа. На шест години го изгубив видот, но не престанав да играм, а на 13 години дознав дека постои фудбал за слепи и сфатив дека тоа е вистинското нешто за мене“, вели Андреј.

Овој фудбал е измислен во Шпанија. На теренот може да има четворица играчи. Секој носи специјални наочари кои ги изедначуваат нивните шанси, како и голман, кој може да командува на која страна се додава топката и во кој правец да се оди во напад. Покрај голманот, и тренерот може да ги насочува играчите, а во ориентацијата помага и судијата. Се игра со специјална топка која испушта звук на ѕвечкање. Кога тргнува во напад, играчот на шпански извикува „voy“ („одам“). Генерално, ваквиот фудбал не е само многу гласен спорт, туку и доста драматичен. Од 2004 година е вклучен во програмата на Параолимписките игри и тогаш во Русија се одиграа првите фудбалски натпревари за слепи и спортисти со оштетен вид.

И покрај тоа што рано го изгубил видот, Андреј имал нормално детство. Мајка му не му ставала никакви забрани, му дозволувала да шета во дворот и да игра фудбал. Дури и на тренинг одел сам, со велосипед. Својот роден град Кошкар Ола Куклин го знаел како својот џеб и можел да оди каде што треба. Единствено во играта „криенка“ бил во предност – можел да препознае дека некој трча по чекорите.

Андреј дознал за бастунот за слепи дури во Москва, кога по пристигнувањето морал да го запознае новиот град. „Веќе во 2018 година бев во руската фудбалска репрезентација за слепи. Тренерот ми предложи да се преселам во Москва и да играм за нов клуб. Бев пресреќен. Добив сé што ми требаше. Живеам во Москва, студирам и тренирам“.

Се покажа дека пред него никој од слепите фудбалери не правел така. Во нивниот спорт ги немаше вообичаените трансфери. Трансферот на Куклин од Јошкар Ола во Москва беше прв.

Како студент на Рускиот државен универзитет за социјални студии (РГСУ), решил да ја запознае Москва и се вработил во курирска служба. Неколкуте часови што ги имал на располагање, помеѓу предавањата и тренинзите, ги користел за да разнесува нарачки. Во компанијата во која работел не се ни знаело дека вработиле слеп курир. „Благодарение на тоа, сега ги знам сите премини, станици, ескалатори: па ако се изгубите, сега знаете кому да се обратите“, вели Куклин низ смеа.

Андреј сосема случајно станал блогер, кога по совет на неговиот брат почнал да поставува преработки на познати композиции на YouTube. А потоа објавил видео од неговиот тренинг на TikTok, кој за еден час имаше 80000 прегледи. „Ме опсипаа со коментари: како играте, како го поминувате времето, како живеете, случајно да не ѕиркате на мечот? Почнав да правам видеа и потоа тргна сé“.

Андреј вели дека меѓу неговите следбеници има многу родители чии деца се слепи или со оштетен вид. „Ги охрабрувам и ги поттикнувам да веруваат во своите деца. Неодамна во Казан на натпревар ни дојде слепо момче и со мајка му. Инспириран од мојот пример, тој почна да води свој профил. Многу се радувам на тоа. Тоа значи дека моите видеа не само што се забавни, туку и им помагаат на луѓето да веруваат во себе“.

 

mk.russialove.com