Претстојателот на Православната Црква на Албанија Архиепископот Анастасиј денес своето тело го предаде на земјата, а душата на Бога со надеж и исчекување на Општото Воскресение. Архиепископот Анастасиј важеше за просветлен архиереј со богато мисионерско дело на љубов, жртва и борба за општо добро. Со децении неуморната работа на нивата Господова, на ширењето на Евангелието – радосната вест за Воскресението, вечниот живот и новиот благодатен живот во Исуса Христа, остави зад себе огромно дело и неизбришлив спомен во историјата на Црквата. Едно од најважните и најпрепознатливи дела по кои е запаметен е воскреснувањето и возобновувањето на Православната Црква на Албанија, на чие чело беше над 30 години.
Архиепископот Анастасиј (Јанулатос) е роден во 1929 година во Пиреја, Атина, Р. Грција
. Се здобива со теолошко образование во Атина, се активира помеѓу младината во различни младински организации, а почнува да издава и мисионерски весник. Во 1960 година е ракоположен за ѓакон и презвитер, а во 1964 – архимандрит. Започнува со своите мисионерски напори во Африка. Успешно ги евнгелизира и приведува кон Христа народите во Уганда, Кенија, Танзанија. Го проповеда Словото Божјо и обраќа многу души од мракот, упатувајќи ги по патот на вечниот живот. Ја преведе Божествената Литургија на четири африкански јазици, изгради десетици храмови и болници. Неговото здравје се нарушува, нападнат од болеста маларија. Во тој тежок и критичен момент од својот живот ќе воскрикне кон Бога: „Боже, може да имаш многу поплаки од мене, но се обидов да Те возљубам“.
Се враќа назад, магистрира на филозофските факултети во Германија. Во 1972 г. е ракоположен за Епископ Андруски, а постанува и професор на Атинскиот универзитет, а потоа во 1976 и декан на теолошкиот факултет. Самиот себе си се смирувал со зборовите: „Анастасие, се наоѓаш во многу опасна позиција, гледај до крајот на животот да останеш ученик и ѓакон“. Потоа постанува управител на Црковното издаваштво на Црквата на Грција „Апостолики диакониа“. Од 1981 повторно заминува во Африка на мисионерска служба уште 10 години.
Неговите таланти, добродетели, ревност и дела беа препознаени од страна на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј и во 1991 година го испраќа на нивата Господова во Албанија, да се зафати со возобновувањето и повторното заживување на Црквата во Албанија која долги години беше тиранизирана од строгиот атеистички режим. Тој изгради над 140 храмови и над 150 други згради, образовни и општествени институции, патишта, дури и електрична централа.
Позната е и неговата изрека: „Христос воскресна! Постои надеж!“
Архиепископот Анастасиј зборуваше англиски, француски и германски и албански. Остави зад себе богато литературно дело, многупати е наградуван. Особено внимание посвети на меѓучовечките и меѓурелигиските односи.
За него Вселенскиот Патријарх рече: „Тој е еден дар од Бога за човештвото“.
Многу пати злогласуван, посрамуван, напаѓан, стрелан. Велеше: „Кога на нас фрлаат камења, не се вознемируваме, ги земаме и со нив градиме“. Тие напади не престанаа за целото време од неговата архипастирска дејност.
Претстојателот на Православната Црква на Албанија г. Анастасиј се упокои на 25 јануари 2025 година на возраст од 96 години. А, пак, денес, 30 јануари, пет дена по блаженото заспивање во Господа, неговото тело беше пренесено од Грција во Албанија и изложено за последен целив во катедралниот соборен храм посветен на Воскресението Христово во главниот град на Албанија, Тирана. По отслужената Божествена заупокоена Литургија се изврши опелото и погребението на блаженоупокоениот Архиепископ Тирански, Драчки и на цела Албанија г. Анастасиј, на кое претстоеше Архиепископот на Новиот Рим – Константинопол и Вселенски Патријарх, Неговата Божествена Сесветост г. г. Вартоломеј, во молитвено присуство на повеќе претстојатели на Патријаршиите и помесните правопславни цркви, помеѓу кои: Патријархот на Александрија г. Теодор II, Патријархот на Ерусалим г. Теофил III, Патријархот на Бугарија г. Даниил, Архиепископот на Кипар г. Георгиј, Архиепископот на Грција г. Јероним, и други архиереи претставници на помесните православни цркви; претставници од Свештената Кинотита на Св. Гора; Игумените на Светогорските манастири Симонопетра и Ксенофонт; многуброен клир архиереи, свештеници, ѓакони, монаси; претставници од Ерменската црква и од Римокатоличката црква; претставници од државниот врв на Р. Грција: Премиерот г. Кирјакос Мицотакис; државниот врв на Р. Албанија: Претседателот г. Бајрам Бегај, Премиерот г. Еди Рама, и од опозицијата г. Сали Бериса; бројни министри, академици, професори, како и недоизброивиот верен народ, коишто овој жалосен момент ги собра за да го дадат својот последен поздрав на Архиепископот на Албанија Анастасиј Јанулатос.
Погребот се изврши во криптата под олтарот на Катедралниот соборен храм посветен на Воскресението Христово во Тирана, Р. Албанија, каде што самиот Архепископ Анастасиј си го имаше подготвено.
Првиот надгробен говор беше од страна на Митрополитот на Корица, г. Јован, заменик и одражател на упразнетиот архиепископскиот престол. Потоа говореше претседателот на Централната Комисија на Светскиот Совет на Црквите, бискупот Heinrich Bedform Strohm. Следуваа Премиерот на р. Албанија г. Еди Рама, Премиерот на Р. Грција г. Кирјакос Мицотакис, како и внуката на блаженоупокоениот Архиепископ, г-ѓа. Роксана Јанулатос.
Последниот погребен говор го имаше Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој, помеѓу другото, кажа:
„Должност жалосна нѐ собра денес во Албанскиот главен град! Великиот столб на Православната Црква во Албанија падна!“
„Тој беше слуга на чудото на воскресението од мртвите на помесната црква по големата и мрачна ноќ на вооруженото безбожие со големото гонење на христијаните од страна на противбожниот режим“.
„Мајката Константинополска Црква побара маж со таланти кој би можел да го преземе спасувањето на брануваниот брод. Маж што во себе ќе ги има споено добродетелта, благородството и одлучноста, подвижничкиот нарав, работливоста, дипломатската прилагодливост, меѓународно признание, непоклатна вера во свештената мисија, посветеност на отечките основи и љубовта кон повредениот народ Божји. И сите овие работи ги најдовме во личноста на тогашниот титуларен митрополит Андруски…“
„Илјадници млади ги научи на побожноста… Запиша светло црковно патешествие и служба“.
Нека ти е вечен споменот достојноблажени владико свет!
Бигорски манастир