Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) првпат од почетокот на руската војна во Украина вчера донесе обединета изјава во која му изразува поддршка на генералниот секретар Антинио Гутереш да посредува во изнаоѓањето мир, известува Агенција Анадолија (АА).
Советот за безбедност изрази „длабока загриженост во врска со одржувањето на мирот и безбедноста во Украина“ и потсети „дека сите земји членки, според Повелбата на Обединетите нации, преземале обврска своите меѓународни спорови да ги решаваат по мирен пат“.
„Советот за безбедност изразува силна поддршка на напорите на генералниот секретар во потрага за мирно решение“, се наведува во соопштението на Советот.
До заеднична изјава дојде во текот на шестиот ден од едномесечното американско претседавање. Не е познато дали е во прашање најава за поголем консензус во телото, кое е длабоко поделено по руската инвазија на Украина на 24. февруари.
Русија во февруари приложи вето на нацрт-резолуцијата на Советот кој од Москва бараше веднаш да го прекине нападот и да ги повлече своите сили. Текстот доби поддршка на 11 од 15 држави членки.
Гутереш го истакна значењето на едногласноста на Советот, наведувајќи дека „светот мора да се обедини за да го замолчи оружјето, поддржувајќи ги вредностите на Повелбата на ОН“.
„Ја поздравувам оваа поддршка и ќе продолжам да се трудам да ги спасиме животите, да ги намалиме страдањата и да пронајдеме пат кон мирот“, рече Гутереш.
Најмалку 3.309 цивили се убиени, а 3.493 се ранети во Украина од почетокот на руската инвазија, проценуваат Обединетите нации (ОН). Се стравува дека реалната бројка на загинати е многу поголема.
Над 5,7 милиони лица избегаа во други земји, а околу 7,7 милиони се интерно раселени, покажуваат податоците на Агенцијата за бегалци на ОН.
извор: Агенција Анадолија (АА).