Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ја усвои нацрт-резолуцијата со која се бара поддршка за предлогот претставен од американскиот претседател Џо Бајден, кој се состои од три фази и предвидува итен прекин на огнот во Газа, известува Анадолу.
Нацрт-резолуцијата беше предложена од делегацијата на САД и ја поддржаа 14 земји членки, а Русија беше воздржана.
Во усвоената одлука се укажува на дипломатските напори на Египет, САД и Катар, а беше поздравен и предлогот од три фази што Бајден го претстави на 31 мај.
Се наведува дека Израел ја прифатил понудата на Бајден, а Хамас е повикан и тој да го прифати предложениот план.
Првата фаза од предлогот на Бајден предвидува моментен прекин на огнот, ослободување на жените, постарите лица и ранетите заробеници, размена на палестински затвореници, повлекување на израелските сили од населените места во Газа, зголемување на хуманитарната помош, реконструкција на основните услуги, враќање на палестинските цивили во нивните домови низ целиот Појас Газа, вклучително и на северот на Газа.
По договорот на страните, во втората фаза се предвидува ослободување на сите преостанати заробеници, за еднаш засекогаш да се стави крај на кризата, а од Израел се бара да се повлече од цела Газа.
Според усвоениот предлог, третата фаза предвидува започнување на планот за обнова на Газа, кој ќе трае неколку години, а ќе бидат предадени и телата на загинатите заробеници.
Во одлуката се наведува дека доколку преговорите од првата фаза продолжат повеќе од шест недели, прекинот на огнот ќе продолжи до крајот на преговорите, а се истакнува и важноста страните да ги почитуваат одредбите од договорот.
Поддржувајќи го решението за две држави, со одлуката се укажува и на важноста од обединување на Појасот Газа и на Западниот Брег под палестинска власт.
Во првиот предлог на нацрт-резолуцијата, кој беше отворен за дебата, поддржано е повлекувањето на израелските сили од населените области на Газа, но идејата за создавање „тампон зона“ во Газа наиде на противење.
Внимание привлече фактот дека во финалниот текст од нацрт-резолуцијата ставен на гласање е избришан делот за „тампон зона“ за кој имаше противење.
Меѓу прашањата што предизвикаа реакции беше и фактот дека во текстот на резолуцијата не е вметнат предлогот на Бајден во пишана форма.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.