По трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој досега животот го загубија 59 лица, а 155 се повредени, сочувство изразија и европските лидери, известува Анадолу.
Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент, за трагичниот настан во Кочани објави:
„Моите мисли утрово се со народот на Северна Македонија и со семејствата и пријателите на сите што ги загубија животите во страшниот пожар што избувна оваа ноќ во Кочани.
На сите повредени им посакувам брзо закрепнување. Европа тагува со вас овој трагичен ден.“
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во врска со трагичниот настан што се случи во Кочани, на социјалните мрежи објави:
„Скршено ми е срцето од загубата на толку млади луѓе во овој страшен пожар во Кочани. Моите мисли се со сите семејства на жртвите од оваа трагедија.
ЕУ се солидаризира со народот на Северна Македонија во овој тажен момент.“
Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, во објавата на платформата Х, наведе:
„Изразувам длабоко жалење за трагичниот пожар што одзеде премногу млади животи во Кочани. Мое сочувство до сите погодени од оваа трагедија. На повредените им посакувам брзо закрепнување.
ЕУ ги споделува тагата и болката на народот во Северна Македонија.“
Марта Кос, членка на Комисијата на ЕУ одговорна за проширување, за несреќата во Кочани напиша:
„Длабоко сум натажена од трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, во кој животот го загубија премногу млади луѓе.
Моите мисли се со жртвите на оваа страшна трагедија и нивните најблиски и со цела Северна Македонија!“