Келнери, готвачи, негуватели на деца и стари лица, аргати на нива и сите други кои работат привремено во државата ќе можат да бидат ангажирани легално, со платени придонеси, според новиот предлог на закон што е во собраниска процедура. Предлагачите очекуваат да се реши голем проблем, но агенциите кои посредуваат за работа во странство се сомневаат дека ќе го спречи одливот на сезонски работници во Хрватска, Црна Гора, Словенија…
Сум направила голема грешка што порано не сум заминала, вели скопјанката Благица, жена која минатата пролет, кратко пред да наполни 60 години отиде да работи во хотел во словенечкиот град Пиран.
Пред да замине, Благица долги години била вработена во фирма за продажба на електрични материјали. Платата не ѝ била доволна, па по неколку дена во неделата дополнително работела во кујни во скопски ресторани. Разочарана дека и со по 15 часа работа дневно не можела да врзе крај со крај, оставила сѐ и две години пред пензија заминала. Претходно, нашла работа преку пријатели што веќе биле таму.
„И тука работам во кујна. Но, ми го плаќаат секој изработен час, три пати повеќе отколку во Македонија. Некогаш чистам и соби, тоа плус ми се плаќа. Кај нас, со газдите едно ќе се договориш, после не им се даваат пари. Дополнителната работа ми беше за дневница, без никаков договор, често и повеќе часови од договорените, а за малку пари“, вели Благица за Радио Слободна Европа(РСЕ).
За да им се помогне на луѓето како неа, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ до Собранието поднесоа предлог на закон за работно ангажирање лица за повремена и сезонска работа. Се однесува на секторите земјоделство, домашни услуги и угостителство.
Предлогот е ставен во прво читање на собраниската седница на 19 март.
Пари на сметка, платен данок и придонеси
Целта на предлогот, ако пратениците го изгласаат, е да стави ред во досега нерегулираниот пазар на краткорочна работа и да ги заштити работниците од неформални вработувања без социјални придобивки.
Предлог-законот предвидува да можат да се ангажираат како сезонски работници студенти, пензионери, невработени, корисници на социјална помош…. Притоа, тие нема да ги изгубат правата на стипендија, старосна или семејна пензија, како и надоместоците за невработеност и социјална заштита.
Со овој закон, првпат се дозволува и вработување на малолетници под 18 години, но само доколку ги исполнуваат условите за засновање работен однос, согласно општите прописи за работни односи.
Или, законот би важел и за жените кои чуваат деца или стари лица за надомест, за жените кои чистат станови, за аниматори и хостеси на настани, келнери, шанкери, собарки, готвачи, за луѓето кои сезонски берат овошје и зеленчук…
Тони Јаревски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој е овластен предлагач , вели дека со ваков закон би се направил голем чекор напред кон сузбивање на неформалната економија и ќе ја задоволи потребата за работна сила кај одредени работодавачи.
„Интересот е многу голем, па можеби ќе направиме и јавна расправа пред собраниската седница. Тоа што мене ме привлече кај овој предлог е што ќе се надмине ситуацијата кај работодавачите, кои сега велат – и да сакам да го пријавам работникот, не можам, законите не дозволуваат. Во иднина, секој што има потреба ќе може да ангажира сезонски работници и се ќе си биде регулирано. Ако едно лице може да биде ангажирано сезонски на повеќе места, зошто би одело во странство?“, изјави Јаревски за РСЕ.
Сезонска работа ама со ограничувања
Притоа, има и ограничувања: домаќинствата, земјоделците и угостителите ќе можат да ангажираат работници за најмногу 120 дена во текот на календарската година.
Едно лице ќе може да работи најмногу 60 дена како сезонски работник или 60 дена како повремен работник, но не повеќе од 15 дена во еден месец.
Предвидени се ограничувања и за работодавачите – тие ќе можат да ангажираат најмногу 10 сезонски работници истовремено, но не повеќе од 10% од вкупниот број на вработени.
Работодавачите исто така нема да смеат да ангажираат лица кои биле вработени кај нив во претходната година, освен ако станува збор за лица кои се пензионирале или добиле семејна пензија.
Сезонските работници ќе имаат право на финансиски надомест што ќе мора да биде исплатен на нивната трансакциска сметка најдоцна пет дена по завршувањето на ангажманот. Исплатата на плата во готово нема да биде дозволена.
Работодавачите ќе бидат обврзани да уплаќаат данок на личен доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, како и здравствено осигурување за повреда на работа.
Казните за тие што нема да го почитуваат законот се движат од 200 евра до 1.000 евра.
slobodnaevropa.mk