Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 56-годишен маж, осомничен за кривично дело – Грабнување, соопштија од обвинителството.
Според истрагата, на 8 февруари, во скопската населба Ѓорче Петров, осомничениот со употреба на насилство и закани го присилил оштетениот да му го врати долгот – парични средства во износ од 8.000 денари и мобилен телефон вреден 12.000 денари.
Како што велат од обвинителството, настанот се случил околу 1:30 часот по полноќ, кога осомничениот со остар метален предмет – сатар, насилно ја скршил влезната врата на домот на оштетениот, влегол внатре и започнал да му се заканува по живот. Според обвинителството, тој физички го нападнал оштетениот, нанесувајќи му удари со сатарот по главата, градите и грбот, по што го натерал да се облече и го одвел во својот дом. Таму го држел затворен неколку часа, заканувајќи му се дека ќе го убие доколку не му ги врати парите.
Околу 5:30 часот, кога осомничениот заспал, жртвата успеала да го земе клучот, да побегне и веднаш да го пријави случајот во полиција.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците или повторување на делото, Јавното обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.