Основното јавно обвинителство Тетово донело наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишник осомничен за кривично дело убиство.
Како што информира државното Јавно обвинителство, осомничениот на 26 септември, во фабрика во селото Голема Речица, со умисла се обидел да лиши од живот 17-годишник, нанесувајќи му исеченици со скалпел кај вратот и десното уво.
Оштетениот успеал да побегне, а осомничениот со скутер го напуштил местото на настанот, наведува ЈО во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, „бидејќи постои опасност да се даде во бегство или да го повтори односно да го доврши обиденото кривично дело“.